Два од протестите што ги најави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе се одржат на 2 и на 8 април, а третиот, главен, ќе биде оној на 1 мај по повод Денот на трудот од кој работниците ќе ги упатат своите барања и очекувања до оние што планираат да ја водат државата во наредниот период
Синдикатите од идното државно раководство очекуваат минималната плата да изнесува најмалку 450 евра и тоа да биде усвоено уште во првите 100 дена од новата влада
Работниците на крајот на денот носат одлука за тоа кој ќе ја води државата наредниот период, порача лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најавувајќи дека и синдикалните организации преку протести на кои ќе ги искажат своите барања ќе бидат активни во периодот кога претендентите за претседател на државата и политичките партии ќе ги водат кампањите за претстојните избори.
Трендафилов од седиштето на ССМ, зградата на Работничкиот дом, најави три протести од кои два ќе се случат на почетокот на април, а третиот, главниот, ќе биде оној на 1 Мај, на Денот на трудот, од кој работниците ќе ги упатат своите барања и очекувања до оние што планираат да ја водат државата во наредниот период.
Првиот протест, како што најави првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, ќе се случи веќе во вторник (2 април). На него, членовите на ССМ ќе го искажат својот револт од одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом од синдикатите и негово давање во владение на државата.
Одлуката за одржување на протестот, како што информира Трендафилов, едногласно ја донеле претседателството и советот на ССМ. Тој ќе започне од пред Работничкиот дом и ќе заврши пред зградата на Врховниот суд, од каде што присутните ќе побараат да биде донесена нова пресуда со која зградата ќе биде вратена на Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Протестот ќе биде во насока на тоа да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, дека правото и правдата мора да победи и дека треба што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние кои го граделе, имајќи предвид дека ССМ пред само еден месец достави до Основниот граѓански суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази. Имаат можност, а ние во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и негово доделување на државата“,
рече претседателот на ССМ, додавајќи дека на државата не ѝ треба уште една зграда, туку ѝ требаат работници и синдикати.
Другиот протест ќе биде шест дена подоцна, односно на 8 април, кога од пред зградата на ССМ до Министерството за здравство ќе маршира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Тие ќе протестираат поради тоа што нема да добијат усогласување на нивните плати согласно новата пресметка на минималната плата, бидејќи не е потпишан анексот на колективниот договор за овој сектор.
„Протестот на 8 април ќе биде токму во насока на изразување на незадоволството од непотпишувањето на анексот на колективниот договор кој беше завршена работа, меѓутоа заради политичките игри, морам да кажам, остана непотпишан и на овој начин повеќе од 20 000 работници во дејноста здравство остануваат без никакво усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата“,
рече Трендафилов на прес-конфренцијата.
Тој кажа дека износот на минималната плата е веќе објавен и изнесува 22 576 денари и таа треба да биде основ за услогласување на платите на повеќе од 60 000 работници во јавниот сектор, односно на сите работници каде што во нивните основни закони или пак во колективните договори е утврдено дека основната компонента на платата е и минималната плата.
„Како последно сакам да кажам дека ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица, како што ќе го направи тоа и на 2 април и на 8 април. Работниците повеќе немаат изговор, не може да не критикуваат дека само за 1 мај излегуваат синдикатите и дека тоа не е доволно. Само во месец април работниците ќе излезат два пати на протест и на 1 мај ќе излезат на големиот работнички протест на кој ќе им кажат на сите оние кои претендираат да ја водат државата што очекуваат и што бараат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а жалосно е и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите кои сакаат да седнат и во пратеничките клупи, меѓутоа и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период“,
рече претседателот на ССМ.
Синдикатите од идното државно раководство очекуваат минималната плата да изнесува најмалку 450 евра и тоа да биде усвоено уште во првите 100 дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот.
„Очекувањата се дека ќе се направат измени и во низа други законски решенија и дека ќе се потпишуваат колективните договори, ќе се врати храната, ќе се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто-платата, односно неправдата која се направи во 2009 година ќе се исправи и на ваков начин работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства за да можат да преживеат до крајот на месецот“,
рече Трендафилов.
Прашан дали има точни бројки колку работници нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата, претседателот на ССМ не беше прецизен, но кажа дека според информациите кои ги има, покрај во здравството, усогласување на платите нема да добијат и вработените во образованието и во Министерството за внатрешни работи. Причина за тоа, како што наведе, се непотпишаните колективни договори.
„Меѓутоа управата, правосудството на локално, односно на општинско ниво, правобранителството, јавнообвинителската служба, судската служба итн. ќе добијат усогласување. Знам дека половина од вработените во јавниот сектор нема да добијат усогласување и тоа е причина повеќе да се придружат на ССМ да застанат заедно со нас не само на 1 мај, туку да го направат тоа и на 2 април и на 8 април и да покажат еднаш засекогаш на секој оној кој сака да се заокружи неговиот број за претстојните избори, што очекуваат работниците од него. А очекуваат достоинствени плати, пристојни и безбедни услови за работа. Без тоа гласот на работниците веројатно нема да го добие никој во државата“,
рече Трендафилов.
Прашан дали некоја од политичките партии побарала средба со ССМ, како што дел од нив тоа веќе го направија со стопанските комори, лидерот на ССМ рече дека такво барање досега не стигнало до нив. Нивниот став, вели Трендафилов, е дека не треба да се вклучуваат во ниту една политичка кампања, на ниту една политичка партија.
„Ние како ССМ, сè додека не ги нападнат работниците и сè додека тие одлучуваат да се гледаат само со работодавачите, сметаме дека не треба да се вклучуваме во ниту една политичка кампања на ниту една политичка партија, на ниту една политичка опција. Меѓутоа добро ќе беше да ги слушнеа барањата на работниците“,
рече Трендафилов.
Според него, пратениците не ги гласаат стопанските комори, работодавачите и газдите, туку ги гласаат повеќе од 750 000 вработени во Македонија.
„Стопанските комори, директорите се можеби некаде околу 7 000, меѓутоа работниците се 700 000. Работниците на крајот на денот носат одлука за тоа кој ќе ја води државата наредниот период. Ако вие не се грижите за нив, ако немате идеја во кој правец да се движите за да ги овозможите достоинствените плати на работниците, пристојните, здрави и безбедни услови за работа, значи треба да размислите подобро. Упатувам апел до сите да сметаат дека работникот е иднината и работникот е пред сè. Ниту газдите ниту работодавачите се тоа“,
порача Трендафилов на денешната прес-конференција.