„Не би опонирал дека можеби дел од изјавите беа и така сфатени, но ова е како оди процедурата“, одговара вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на новинарска забелешка дека во дел од изјавите преоптимистички велеше дека само што не излегла механизацијата на терен, а сега сме март 2026 година без сè уште да биде избран кредитор. Николоски гостува во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: Кој избрза во однос на проектот „Брза пруга“? Имаше најави дека есента минатата година веќе ќе гледаме механизација на терен, а еве сега сме март 2026 г., да нема избран ни кредитор.
Николоски: „Па, би рекол никој, и ќе се обидам да образложам како оди процесот, имајќи предвид дека се работи за прв олку голем проект којшто го работиме и прв проект којшто го работиме со Велика Британија. Ние одиме во процес каде што во еден пакет решаваме пет работи. Тоа е – ќе почнам од најбитната за луѓето – изведба, после тоа оперирање, претходно проектирање, претходно сите можни заштити и паралелно на тоа финансирање. Досега проектите во Македонија се работеле чекор по чекор, овие фази, и на пример Демир Капија – Смоквица е работена 12 години, без разлика што е завршена за три и пол. Ние сега во една година ги затвораме овие подготвителни работи со цел кога ќе почне да се гради на терен, она што е за луѓето градба, тоа се нели багери да видат на терен, навистина да се заврши за пет години, за да не ни се случи Охрид-Кичево.“
360°: Министерството за финансии во јуни минатата година ги испрати барањата до банките и финансиските институции за понуди за кредитирање. Вие два месеци подоцна распишавте тендер за техничка документација. Ако ги имавте сите документи, ќе можевте веќе да изберете кредитор.
Николоски: „Не, невозможно е. Затоа се обидувам да го објаснам…“
360°: Министерката за финансии така го објаснува тоа.
Николоски: „Не, убаво објасни министерката, затоа што ние првпат работиме со Велика Британија и со нивниот механизам за меѓународно финансирање. Во интерес на јавноста, за брзата пруга ние имаме и проект, ние имаме и еколошка студија, ние имаме и физибилити студија и сè она што е потребно.“
360°: Зошто тогаш нови студии сега?
Николоски: „Но, се работени со Европска Унија. Велика Британија не е член на Европска Унија веќе подолго време и тие инсистираат да се работат со нив. Веројатно дел од нив, дел од студиите ќе бидат само повторени, но бараат да се работат. За овие студии да се работат, мора да бидат приспособени на барањата на механизмот за меѓународно финансирање на Велика Британија. За механизмот или UKEF познат во јавноста, механизмот за меѓународно финансирање на Велика Британија, да каже под кои услови е спремен да ги прифати овие документи, потребно е да се прифати индикативна понуда за финансирање. Индикативна, необврзувачка, кој и да е правиот збор на македонски јазик. Откако ние избравме индикативна, необврзувачка понуда за финансирање, и откако стана јасно дека тоа ќе е во соработка со механизмот за меѓународно финансирање на Велика Британија, еве ги утре доаѓаат повторно на технички состанок, ние заеднички почнавме овие документи да ги развиваме, како што заеднички веќе се работат и геоистраги. И јас сега ако сакам да правам гол ПР, можам да поканам медиуми, да отидеме на самото место, да видат каде што се буши и да велиме: „еве, се работи работата“.
360°: Но, вие ги дававте изјавите. Мислам дека избрзавте во дел од изјавите.
Николоски: Ќе стигнеме и до тоа. Но, мислам дека е коректно ние да го завршиме процесот, за кога ќе влеземе во градба и да го завршиме. Дали, јас можам да зборувам за себе, иако можам во множина и за Владата да зборувам, но некоректно е да зборувам за цела Влада, дали јас бев наједуцираниот човек за тоа како работи Велика Британија кога влеговме во договорот – не. Јас бев дел од тимот којшто политички го преговараше договорот, ја имав честа во Лондон и да го потпишам, но секако дека ова се експертски работи за коишто ние прифативме соработка. Да ја потсетам јавноста дека имаме еден голем грант којшто Велика Британија го додели на нивната најголема фирма ‘Кросреил’ (Crossrail), којашто меѓу другото го одржува метрото во Лондон и ја изгради првата дигитализирана линија во Лондон наречена ‘Елизабет’ по претходната кралица, последното нејзино појавување во јавност е на отворањето на оваа линија. И тие не водат низ процесот и ова треба да е процес којшто ќе е пример за целиот регион како се работат проекти. Алтернативи имаме, еве фаза 2 од пругата кон Бугарија, избран е изведувач, рокот му е до октомври оваа година, има 30% прогрес. Ако сакаме така да заглавиме, и јас да велам „не ми е гајле за тие што ќе дојдат после мене што ќе прават и како ќе си ја чукаат главата“, тоа е друго.
360°: Прашањата не се за ова, прашањата се за дел од вашите изјави во коишто преентузијастички, преоптимистички велевте дека само што не излегла механизацијата на терен, а еве, велам, сега сме март 2026 година, сè уште нема ни кредитор избран.
Николоски: „Не би опонирал дека можеби дел од изјавите беа и така сфатени, но ова е како оди процедурата.“
360°: Е сега, зошто министерката за финансии, прашана дали оваа година ќе избереме кредитор, патем се бараат 1,91 милијарда евра, одговара „не знам“?
Николоски: „Затоа што тоа е најискрениот и најкоректен одговор којшто може да се даде, имајќи предвид дека финансирањето оди со поддршка на инструментот за меѓународно финансирање на Велика Британија. Ние, најнародски кажано, иако не е вака едноставно, ги имаме Велика Британија како жирант и затоа условите коишто би ги добиле ќе се како за Велика Британија, а не како за Македонија. И затоа, кога целиов овој процес ќе се затвори, ќе видиме во кој временски рок ќе може сето тоа да се реализира. Она што го имаме сега како термини се дека во текот на летото сите овие студии, работи, истражувања итн. ќе бидат завршени. Но, се е жива материја и се бива. Инаку, рокот е ова лето сето ова да биде затворено.
360°: А на терен кога да се излезе? Или да не ве терам сега пак во изјави со рокови?
Николоски: „Не, јас дадов прецизна изјава откако сево ова ни беше предочено. Ако сево ова се заврши во текот на летото, во текот на есента ќе се работи на терен. И повторно, рокот останува 2031 г., значи во однос на крајниот рок којшто ние го кажавме на самиот почеток, немаме промени.“
360°: Во каква процедура ќе се избере изведувачот?
Николоски: „Изведувачот ќе се избере на начин што доколку се затвори финансискиот пакет ќе треба да се испочитуваат одредени услови коишто се транспарентни и јавно објавени од страна на Велика Британија, а тоа е дека треба да има 20 или 30% британска компонента, зависи за што се работи. Тоа е најдобрата компонента којашто можете да ја добиете од која било извозна агенција. Инаку, големи проекти цел свет веќе работи со извозни агенции. На пример, Италијанците бараат 51%, Кинезите бараат 51%, Швеѓаните бараат 60%, Французите бараат 51%. Велика Британија тука е најконкурентна, оди со 20 до 30%.“

360°: И тие 20-30 како се обезбедуваат?
Николоски: „Тоа може да се направи само на начин на којшто се вика компетитивен дијалог. Односно, на потенцијалниот повик можат да учествуваат само компании коишто гарантираат дека ќе ги обезбедат овие 20-30 проценти, а тоа се докажува со писмо од страна на британската влада којашто вели ‘да, тука се согласуваме дека оваа компанија ќе го задоволи овој услов’.“
360°: Компетитивен дијалог со британски компании?
Николоски: „Не, со компании од каде било во светот коишто ќе имаат потврда од британската влада дека се способни ова да го изнесат. Инаку, ова се правила, ние сме мала држава, ретко се случуваат вакви работи, ова се правила коишто ги има ОЕЦД воведено и коишто важат веќе 10 години во светот, не се од вчера. Одеа паралелно со глобалниот данок и сите меѓународни кредитни извозни агенции работат на овој начин.“
360°: Ќе се обезбеди ли доволно транспарентност и отчетност бидејќи станува збор за голема сума јавни пари?
Николоски: „Ако Велика Британија не обезбеди транспарентност и отчетност, не знам кој.“
360°: Таа ги фаворизира своите интереси во овој случај, нели?
Николоски: „Тие ги напишале своите интереси коишто се од 20 до 30 проценти од проектот, за разлика од другиве кои бараат 50 до 60 проценти. Ако отворите на веб-страницата на инструментот за меѓународно финансирање на Велика Британија, можете до детаљ да ги видите сите проекти коишто во моментов ги реализираат со, ако човек има време и енергија да истражува, со најдетални извештаи што и како се работи.“
360°: Имате ли лоцирано веќе потенцијални изведувачи со коишто имате некакви контакти?
Николоски: „Не, од причина што за да можеме да влеземе во компетитивен дијалог, треба да имаме веќе јасно искристализирано одредени други одлуки коишто во моментов се носат и повторно еве да не одиме со рокови, но мислам дека за многу брзо време ќе можеме да ја започнеме и оваа постапка којашто ќе оди во соработка со Велика Британија.“
360°: Може ли воопшто да не се реализира овој проект?
Николоски: „Може, како и секој друг. Може да не се јави ниту еден на повикот, на пример, за изведувач.“
360°: Теоретски значи може?
Николоски: „Ние имавме повик за автобуси коишто се насушна потреба за државава, каде што компаниите во принцип треба да се натпреваруваат што побрзо да добијат работа, се пријави една компанија што не ги исполнуваше условите, па сега го распишуваме наново. Така што, тоа е жива материја, не можете да ја предвидите.“
