Во мај 2021 година Медведчук беше ставен во домашен притвор, а претседателот Зеленски го обвини за финансирање тероризам и му го замрзна имотот

Една фотографија од утрово доминира во украинските вести. Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа објави слика од маж од околу 60 години со лисици на рацете, облечен во украинска воена опрема.
Неговото име е Виктор Медведчук и е главна личност во поновата политичка историја на Украина. Никогаш порано не е виден во вакво издание. Медведчук е украински политичар, а Владимир Путин му е близок пријател. Украинските медиуми пишуваат дека се толку блиски што Путин е кум на една од неговите ќерки, пренесува Скај њуз.
Некои го опишуваат како украинскиот „сив кардинал“ или „принцот на темнината“. Неколку децении тој помина како клучен политичар од сенка во Украина, близок до Русија, кој посредуваше и договараше кој ќе биде на власт во време кога Украина ја планираше својата земја без, или барем како што тој се надеваше, со Русија.
Благодарение на блиските односи со Москва секогаш имал високи должности, дури и во разни прозападни украински влади, кои во него гледаа посредник во односите со Путин. Во разговорите со новинарите во текот на годините тврдеше дека не се согласува со ставот на Путин дека Украина и Русија се иста нација. Сепак, многумина се уверени дека Путин верувал оти украинското прашање не може да се реши без Медведчук.
Со години претставуваше главен канал меѓу Москва и Киев, а беше и творец на пропаднатиот договор од Минск, мировните преговори меѓу Киев и отцепените региони на истокот од земјата. Сепак, добар дел од украинската јавност го гледаше со голема скепса.
Магазинот „Форбс“ во 2021 година го процени неговото лично богатство на 620 милиони долари. Колкав дел од богатството го добил од Кремљ не е познато, но се знае дека имал доволно пари да отвори три телевизиски канали. Сити три беа укинати од страна на Зеленски, кој за нив рече дека се занимаваат со ширење проруска пропаганда.
Медведчук беше и застапник во украинскиот парламент и поранешен член на проруската политичка партија, За живот.
Во мај 2021 година беше ставен во домашен притвор, а претседателот Зеленски го обвини за финансирање на тероризам и му го замрзна имотот. Тогаш беше соопштено дека тој е во притвор поради предавство, а беше еден од низата на такви потези кои во тој период предизвикаа нелагодност кај Западот, бидејќи го обвинуваа Зеленски дека се обидува да ги замолчи најгласните политичари.
Набргу по руската инвазија, Медведчук побегна од домашен притвор и 48 дена беше во бегство. Зеленски не откри каде и како е Медведчук приведен, но рече дека сака да го понуди на Русија во замена за украински заробеници.
„Ви го даваме овој ваш човек во замена за нашите момчиња и девојки“,
порача Путин.
Руската страна пак, во својата реакција на апсењето на Медведчук, истакна дека фотографиите од неговото апсење треба да се проверат, бидејќи во овој период „пристигнувале многу професионално изработени фалсификати од Украина“.