Во најавата за собирот објавена на социјалните мрежи, од иницијативата посочуваат – „Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието“ – алудирајќи на двонеделната пауза на активностите на пратениците во парламентот по трагедијата во Кочани
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ за во сабота, 29 март, во 11 часот најавува нов протестен собир, овојпат пред Собранието. Во најавата за собирот објавена на социјалните мрежи, од иницијативата посочуваат – „Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието“ – алудирајќи на двонеделната пауза на активностите на пратениците во парламентот по трагедијата во Кочани.

„Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Не затоа што немаме што да правиме. Туку затоа што имаме што да кажеме. Зошто се собираме пред Собранието? Затоа што не молчиме. Затоа што имаме барања што не може да чекаат. Затоа што демократијата не оди на одмор“,
се наведува во најавата за собирот инициран од движењето „Кој е следен“.
Посочуваат дека настанот ќе биде поделен во два дела. Во првиот дел движењето „Кој е следен“ ќе ги презентира своите барања во целост, а во вториот дел, како што додаваат, микрофонот ќе биде отворен за секој граѓанин кој сака да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели свој став за актуелната состојба.
„Граѓаните ќе зборуваат. Ќе критикуваат. Ќе поддржуваат. Ќе го кажат тоа што предолго тлее. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собрание. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш – подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека ова биде твојот повик!“,
велат од иницијативата „Кој е следен“.
Последниот протестен марш инициран од движењето „Кој е следен“ се одржа во понеделникот, 24 март.
Маршот започна во 18:59 часот на плоштадот „Македонија“ со триминутен молк во чест на загинатите од трагедијата во Кочани. Оттаму продолжи кон Собранието и болницата „Свети Наум Охридски“ каде што присутните со аплауз им оддадоа признание на здравствените работници. Протестот заврши пред Владата со 16-минутен молк во чест на жртвите од Кочани. Се испратија и пораки во насока на менување на системот.
Организаторите на протестот од движењето „Кој е следен“ порачаа дека очекуваат одговорност за сите поврзани со трагедијата во Кочани, но и со сите претходни трагедии.