Сега, како Чарлс Трети, нема да му биде нималку лесно во новата улога бидејќи неговата мајка беше исклучително популарна и почитувана, но си замина во момент кога репутацијата на британското кралско семејство е нарушена, а односите се затегнати, вклучувајќи ги и долготрајните обвинувања против претставници на Бакингемската палата за расизам
Чарлс се соочува со овие предизвици на 73-годишна возраст, како најстар монарх кој го презел тронот
По смртта на својата мајка, кралицата Елизабета Втора вчера, на 8 септември, принцот Чарлс конечно стана монарх на Обединетото Кралство и на 14 други земји од Комонвелтот и со тоа тој е наследник кој најдолго чекал за тронот во британската историја.
Сега, како Чарлс Трети, нема да му биде нималку лесно во новата улога бидејќи неговата мајка беше исклучително популарна и почитувана, но си замина во момент кога репутацијата на британското кралско семејство е нарушена, а односите се затегнати, вклучувајќи ги и долготрајните обвинувања против претставници на Бакингемската палата за расизам, ги пренесува пишувањата на светските медиуми и агенции регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Чарлс се соочува со овие предизвици на 73-годишна возраст, како најстар монарх кој го презел тронот во лозата која трае 1 000 години, со својата сопруга Камила, која сè уште предизвикува поделби во јавноста.
Критики и пофалби
Критичарите сметаат дека новиот крал е слаб, суетен и дека не го поседува неопходниот карактер за улогата на монарх.
Во повеќе наврати тој беше исмеван поради разговори со растенија и опседнатоста со архитектурата и животната средина, а сè уште го следи сенката од неуспешниот брак со покојната принцеза Дијана.
Поддржувачите, пак, велат дека Чарлс е едноставно несфатен, на што се должат и критиките и искривувањето на добрата работа што ја врши, како и тоа дека во сферите во кои се ангажирал, како што се климатските промени, бил пред своето време.
Тие тврдат дека е внимателен и дека се грижи за граѓаните од сите заедници и општествени слоеви. Неговата организација „Prince’s Trust“ од нејзиното основање пред речиси 50 години им помогнала на повеќе од еден милион невработени и загрозени луѓе
„Проблемот е во тоа што сте во безнадежна ситуација. Ако не направите апсолутно ништо, тие ќе критикуваат. Ако се обидете, а не успеете да помогнете, пак ќе критикуваат“,
изјави Чарлс во една пригода.
Тој во текот на животот се наоѓаше во извесен процеп помеѓу монархијата која се модернизира обидувајќи се да си го пронајде своето место во општеството кое брзо се менува и станува се поегалитарно, притоа задржувајќи ги традициите што ѝ даваат привлечност на оваа институција.
Подготовка за престолот
Чарлс Филип Артур Џорџ е роден во Бакингемската палата на 14 ноември 1948 година, во 12-тата година од владеењето на својот дедо, кралот Џорџ Шести.
Имаше само три години кога стана наследник на тронот откако неговата мајка беше крунисана за кралица во 1952 година.

Воспитувањето на Чарлс отсекогаш се разликувало од претходните престолонаследници. Неговите претходници стекнуваа образование со помош на приватни учители. Сепак, Чарлс одеше во училиштето „Хил Хаус“ во западен Лондон пред да премине во училиштето „Чим“, кое го посетувал и неговиот татко принцот Филип, а каде што подоцна бил и еден од најдобрите ученици.
Потоа Чарлс е испратен во „Гордонстоун“, строг интернат во Шкотска, во кој исто така студирал неговиот татко. Времето поминато таму Чарлс го опишал како пекол.
Тој повторно ја прекинал традицијата откако заминал да студира археологија и антропологија на колеџот „Тринити“ во Кембриџ, каде што подоцна се префрлил на студии по историја.
За време на студиите и формално е крунисан за принц од Велс, титулата која традиционално ја носи престолонаследникот, на голема церемонија во 1969 година. Следната година станал првиот британски престолонаследник кој добил диплома.
Како и многумина други членови на кралското семејство пред него, и тој им се придружил на вооружените сили, прво во Кралското воздухопловство во 1971 година, а потоа во морнарицата, каде што станал командант на воениот брод „Бронингтон“, пред да ја заврши активната служба во 1976 година.
Како млад принц негуваше спортска фигура посветувајќи се на скијање, сурфање и нуркање. Беше пасиониран играч на поло и се појавуваше и како џокеј на многубројни коњски трки.
Бракот со Дијана
Многумина во Британија и пошироко, секогаш ќе го поврзуваат Чарлс со неуспешниот брак со принцезата Дијана и љубовната афера со Камила Паркер Бојлс, љубовта на неговиот живот.

Кога се венчаше со Дијана во 1981 година, церемонија која преку телевизија ја следеа околу 750 милиони луѓе ширум светот, неговата животна сопатничка изгледаше како совршен избор.
На почетокот сè изгледаше совршено, Чарлс и Дијана ги добија синовите Вилијам и Хари во 1982 и 1984 година. Но зад кулисите во бракот се појавија проблеми. Дијана во 1992 година ја обвини Камила за евентуален распад на бракот, кажувајќи ја познатата реченица во едно телевизиско интервју: „Бевме тројца во овој брак – па имаше мал метеж“.
Во врска со тоа, Чарлс изјави дека останал верен сè додека бракот неповратно се распаднал.
Чарлс и Дијана се разведоа во 1996 година.
Кога Дијана го загуби животот во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, медиумите беа преполни со статии против него и Камила, а неговата популарност во јавноста доживеа голем пад.

Потоа неговата положба се поправи, иако беше помалку популарен од својата мајка. Чарлс конечно се ожени со Камила во 2005 година, која беше поприфатена во јавноста и фалена поради нејзиниот едноставен стил.
Сепак, сенката на Дијана остана, од чиј живот јавноста и понатаму останува воодушевена.
Повеќе наликуваше на активист отколку на престолонаследник
Чарлс често се бореше да ја заузди страста за својата работа изразувајќи ги своите надежи и стравови кои често повеќе звучеа како на активист отколку како на иден монарх, наведува Си-ен-ен во својата анализа.
Поради ова, тој беше обвинуван дека со тоа претставува закана за независноста и непристрасноста на монархијата. Еден од примерите се климатските промени, за кои тој зборува уште од 1968 година.
Чарлс беше истакнат поддржувач на Парискиот климатски договор од 2015 година и разговараше за тоа со Доналд Трамп на чај во декември 2019 година, додека тогашниот американски претседател се подготвуваше да ја повлече својата земја од пактот.
На Светскиот економски форум 2020 година во Давос, Швајцарија, Чарлс одржа моќен говор прашувајќи:
„Дали сакаме да влеземе во историјата како луѓе што не направија ништо за да го вратат светот од работ на бездната кога можевме? Јас тоа не го сакам“,
рече Чарлс.
Презирот на Чарлс кон медиумите
Имајќи предвид дека таблоидите во континуитет го истражуваат животот на Чарлс, не е изненадување што неговите односи со медиумите често беа затегнати, а тој не го криеше својот презир кон папараците.
„Не сум многу добар во тоа. Мислам дека сум прилично повлечен човек. Не сум подготвен да настапувам кога сакаат да настапам“,
изјави тој во 1994 година.
За новинар на Би-би-си, кој го следи кралското семејство, Чарлс во 2005 година рече: „Не можам да го поднесам овој човек. Ужасен е.“
Додека медиумите се фокусираа на неговиот приватен живот, Чарлс сакаше да зборува за социјални и духовни прашања и никогаш не бегаше да ги искаже своите ставови за работи кои му се блиски до срцето.
Сепак, потези како што е основањето на брендот „Duchy Originals“ за промовирање на органска храна и тврдењата дека разговарал со своите растенија и се ракувал со дрвјата кога ги садел, наведоа некои медиуми да го означат како „некој кој повеќе би сакал да биде земјоделец отколку принц“.
Тој беше критикуван и за неговите искрени ставови за архитектурата. Тој еднаш го нарече „чир“ планираното модернистичко проширување на Националната галерија во Лондон. Беше обвинет и за „надрилекарство“ затоа што се залагал за употреба на алтернативни лекови.
Биографот Том Бауер во една пригода рече дека принцот престолонаследник е посветен на прашања како што е животната средина, но е тврдоглав и не може да поднесува критики.
„Тој е посветена личност, која несомнено сака да прави добро, но не разбира дека последиците од многу негови постапки предизвикуваат многу проблеми“,
рече Бауер.
Критиките се намалија во последниве години бидејќи медиумите почнаа да го напаѓаат неговиот син Хари, но сепак не исчезнаа во целост.
Тајните писма „Црн пајак“.
Неговиот широк спектар на интереси како принц од Велс понекогаш предизвикуваше контроверзии.
Неговите писма, кои станаа јавни во 2015 година, покажаа како Чарлс се обидувал да влијае на јавното мислење неколку години испраќајќи тајни писма до владата на теми од негов интерес, како што се климатските промени, глобалната одржливост и домувањето.
Уставните експерти предупредија дека како крал ќе мора да го промени својот пристап.
Тој, пак, рече дека сака максимално да ја искористи својата позиција во кралското семејство.
Најсреќен во својата градина
Далеку од кралската должност или кампања, Чарлс е најсреќен во градината во својот дом во западна Англија или кога шета и оди на риболов, каде што слика и акварели.
Има напишано и книга за деца, а исто така ја сака уметноста, особено делата на Шекспир, операта и музиката на Леонард Коен.
Приватно има „невообичаена смисла за хумор“, но е истовремено е и строг, велат соработниците.
Некои од неговите блиски луѓе велат дека е љубезен и вреден, а и пријателите и противниците зборуваат за неговата приврзаност за должноста и дека поголем дел од денот, па сè до полноќ е посветен на административни работи и административни работи. Секој петок навечер, каде и да се наоѓа во светот, на Чарлс му се испраќа обемен извештај во кој се информира за работата на имотот, а во сабота наутро тој му го враќа извештајот на персоналот со забелешки во него.
Грижа за луѓето од ранливите категории
Неговите поддржувачи велат дека сето тоа покажува дека новиот крал е сериозен човек кој искрено се грижи за својот народ.
Според други, тој ќе се најде во невозможна улога – или ќе биде обвинет за политичко мешање ако се интересира за општествени прашања или ризикува да биде етикетиран како разгален монарх.
„Зошто мислите дека го правам сето ова сите овие години? Затоа што се грижам и секогаш се грижам за идните генерации“,
рече тој во ТВ-интервју во 2021 година за климатските промени.
„Со години го имав ова необично чувство дека сакам да ги подобрам работите“, изјави тој за американскиот магазин „Тајм“. „Чувствувам повеќе од било што друго дека е моја должност да се грижам за сите и нивните животи во оваа земја, да се обидам да најдам начин да ги подобрам работите ако е можно“, додаде тој.
Не сака да размислува за тронот
И покрај неговото долго чекање за тронот, тоа не е нешто за што често размислува, изјави неговата сопруга Камила.

Прашана дали зборува за неговата улога како крал, таа рече: „Не многу, не. Тоа е нешто што ќе се случи само по себе“, додаде таа.
Истото го има изјавено во неколку пригоди и самиот Чарлс.
„За жал, тоа е последица на смртта на вашата мајка, вашиот родител, што во најмала рака не е толку убаво, па подобро да не размислувате премногу за тоа“,
рече тој во 2010 година.