Листата изгледа вака: „Астра Зенека“ во 175 земји, „Фајзер/Бионтек“ се користи во 131 земја, „Синофарм“ во 78, „Модерна“ во 72, „Џонсон и Џонсон“ во 55, „спутник В“ во 47, „Синовак“ во 40 земји и „Коваксин“ во само 7 земји
Досега околу 6,5 милијарди дози на вакцини против коронавирус се дадени ширум светот во најмалку 196 земји, пренесува Би-би-си. Сепак, темпото на вакцинацијата во различни делови на светот е различен, но исто така и во однос на тоа кои вакцини против коронавирус најмногу се користат.
Ова е најголемата програма за вакцинација во историјата, бидејќи според планот на СЗО и на земјите поединечно, секој возрасен човек во светот треба да ја прими вакцината.
СЗО прво ја одобри вакцината произведена од „Фајзер/Бионтек“, а потоа и неколку други.
Вакцината „Астра Зенека“ сега е најраспространета ширум светот и се користи во дури 175 земји. За разлика од вакцината на „Фајзер“, која мора да се чува на екстремно ниска температура, „Астра Зенека“ се чува во обичен фрижидер, што ја олеснува дистрибуцијата.
Потоа следуваат „Фајзер/Бионтек“ која се користи во 131 земја, „Синофарм“ во 78, „Модерна“ во 72, „Џонсон и Џонсон“ во 55, „спутник В“ во 47, „Синовак“ во 40 земји и „Коваксин“ во само 7 земји.

Африканската унија започна со дистрибуција на 400 милиони дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“, која се дава во една доза. Повеќето влади започнуваат вакцинирање со постарата популација, здравствените работници и луѓето кои се клинички ранливи.
Во земји како Израел и Обединетото Кралство веќе постојат знаци дека вакцините го намалуваат бројот на хоспитализирани, како и смртноста. Во светот се тестираат повеќе од 100 можни вакцини за да се провери нивната ефикасност и безбедност.
Генерално, Кина и Индија аплицираа најголем број вакцини на своите жители, со повеќе од 2,2 милијарди дози, односно околу 950 милиони дози. САД се на трето место со 400 милиони дози.
И додека земјите во Европа и Америка добро напредуваат со кампањите за вакцинација, многу земји во Африка наидоа на проблеми кога станува збор за снабдувањето со вакцини. Светската здравствена организација постави цел 10% од населението во сите земји да биде целосно вакцинирани против коронавирус до крајот на септември. Сепак, повеќе од 50 земји се уште не го постигнале тоа ниво на заштита.
Многу посиромашни земји се потпираат на резервите од системот Ковакс, предводена од ГАВИ, Алијансата за вакцини, заедно со СЗО и Коалицијата за иновации за подготвеност за епидемија, која се обидува да обезбеди еднаков пристап до вакцината против коронавирус за сите во светот.
Ковакс планираше да достави околу две милијарди дози на вакцина на глобално ниво до крајот на годината, но сега ја намали прогнозата за снабдување за 25 проценти на 1,4 милијарда – како резултат на забраните за извоз, проблемите во производството и бавните процеси на одобрување.
Досега програмата испорача околу 345 милиони вакцини низ целиот свет.
Лидерите на Г-7 се обврзаа дека ќе помогнат и ќе достават околу милијарда дози вакцина во сиромашните земји, директно или преку Ковакс.
