Министерот за локална самоуправа потенцира дека алатката нема да може да се користи во првата и последната година од мандатот на градоначалникот, бидејќи се потребни барем 12 месеци за да се оцени перформансот на градоначалникот. Дополнително, граѓаните ќе можат само еднаш во период од две години да покренат иницијатива за референдум
Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва во гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 ги образложи условите под кои граѓаните ќе можат да покренат постапка за отповикување на градоначалник преку референдум, како дел од предложените измени во Законот за локална самоуправа.

„За да се случи отповикот на градоначалник по пат на референдум, иницијација за тоа треба да биде поднесена од најмалку 20 проценти запишани во единствениот избирачки список. Значи, 20 отсто од избирачите во една општина треба соодветна иницијатива да потпишат и да иницираат референдумско изјаснување на граѓаните. Иницијативата ја доставуваат до Советот на општината, а Советот е тој којшто ја констатира и ја спроведува одлуката за референдум“,
рече Перински.
Додаде дека референдумот ќе се смета за успешен доколку на него излезат минимум една третина од запишаните гласачи и ако за отповикувањето гласаат мнозинство, односно 50 отсто плус еден од оние кои гласале.
Перински потенцира дека алатката нема да може да се користи во првата и последната година од мандатот на градоначалникот, бидејќи се потребни барем 12 месеци за да се оцени перформансот на градоначалникот. Дополнително, граѓаните ќе можат само еднаш во период од две години да покренат иницијатива за референдум, со цел да се избегне злоупотреба на алатката и да не се попречува нормалното функционирање на општината.
Министерот рече дека референдумското отповикување на градоначалник е една од клучните новини во предложените законски измени за локална самоуправа, која, како што рече, претставува воведување на добра демократска пракса од другите земји во македонскиот систем.