Според претседателот на ДИК, една од новините е можноста да се воведе нова методологија за идентификација на гласачите, така што ќе се избегнат спрејот и УВ-лампата
Независните кандидати на избори отсега ќе може да собираат потписи и кај нотар, а не само во подрачните единици на Министерството за правда. МВР ќе има обврска да достави список во ДИК на сите лица кои до денот на избори ќе станат полнолетни. Ќе се бара начин да се избегне „обележувањето“ на гласачите со спреј и нивна проверка со УВ-лампа
Ова се дел од измените во Изборниот законик, што беа донесени спроти распишувањето на изборите, покрај прекројувањето на границите на петтата и шестата изборна единица.
„Дел од измените се однесуваат на кандидирањето, така што сега ќе може да се собираат потписи пред нотари, чии имиња ДИК ќе ги објави на веб-страницата за да се информираат граѓаните. Исто така, по поднесување на кандидатските листи, на ДИК и се дава обврска да ги прибере сите документи потребни како податоци за кандидатите на листите. Во рок од 24 часа треба да одговорат сите надлежни институции на нашето барање да достават уверенија за државјанство, за неосудуваност… за што ние овие денови ќе направиме состаноци со надлежните судови и другите институции. Има новини и кај Избирачкиот список. Сега МВР е задолжено да достави список со сите лица кои на денот на изборите ќе имаат 18 години, и оние за кои имаат важечки лични документи и за оние кои немаат иле е во тек процедурата за вадење документи“,
информира денеска претседателот на ДИК, Оливер Деркоски
Тој вели дека новина од посебно значење е можноста ДИК да воведе нова технологија на гласање, како пилот-проект. Но таа можност се остава за следните избори.
„Тука се мисли на надминување на, би рекол, понижувачкиот начин на идентификација на гласачите со прскање со спреј и УВ-лампа. Има посовремени средства за идентификација на гласачот и во тие рамки треба да се движиме и ние барајќи ја таа нова технологија“,
изјави Деркоски.
Тој апелира до медиумите до полноќ да достават податоци за регистрација за да можат да емитуваат или објавуваат платена политичка програма, а потоа до петок на полноќ и ценовници.
Во однос на измените на одредбите што се однесуваат на членот 75, според кој обврска на ДИК е да утврди цена по секунда за медиумско претставување, Деркоски рече дека за нив претставува тешкотија затоа што се ставени во улога на регулаторно тело.
„Медиумската кампања се плаќа од буџетот на државата, од парите на граѓаните, мора да се води сметка за трошењето на парите на граѓаните и од тие причини веројатно законодавецот пробал да направи одредено регулирање. Незгодниот момент е што таа обврска ѝ ја дава на ДИК“,
рече Деркоски.
Во однос на порталите, Деркоски вели дека не постои методологија за мониторирање на порталите ниту може да се направи.
„Сме се обиделе нешто да направиме, но тоа оди тешко. Побаравме искуства од други држави, но и таму нема решенија. Сè зависи од добрата волја и почитување на некои морални и етички начела на учесниците во оваа кампања“,
додаде тој.
