Како член на работната група, Камбовски вели дека новиот закон за Судски совет е при крај и дека во него се земени предвид препораките од извештајот на Оценската мисија на ЕУ

Критиките се добредојдени, но личноста која ги дава треба да биде внимателна и свесна за последиците, вели шефот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во коментар на новинарска констатација дека критиките од премиерот Христијан Мицкоски во последно време се стишија.
Камбовски: Новинарите, нормално, имате поголема слобода уште повеќе да критикувате и да користите можеби поостар јазик и слично, меѓутоа, кога некој од другите власти прави такви критики, треба да е свесен, прво за тежината којашто тој ја има и колку тие зборови тежат и потоа да е свесен какви последици има тоа врз судството. Дел од оваа перцепција којашто ние ја имаме е и поради тоа константно повторување последниве 20 години дека судството е еднаш лево – еднаш десно, еднаш лево – еднаш десно.
„360 степени“: Дали критиките од премиерот се стишија поради тоа што, по принципот на сончоглед, судството сега повторно се сврти кон десно?
Камбовски: Но, јас не верувам во тоа и не сакам да верувам…
„360 степени“: Вие не верувате, ама дали е тоа фактичката состојба?
Камбовски: Мислам дека не е, мислам дека ние имаме здраво јадро во судството. Тоа се навистина луѓето вистински професионалци и нашата задача е да овозможиме тие вистински професионалци да дојдат на правите места, со тек на време. Ова не може да се смени, ова е култура, ова е менталитет. Ние мора тоа да го сфатиме. Од интерес на сите ни е судството да е независно.
Камбовски, како член на работната група, вели дека во финална фаза е и новиот закон за Судски совет. Кажа дека во голем дел земени се предвид препораките од Оценската мисија на ЕУ и дека со дел од решенијата се согласува, а со дел не.
Во однос на изборот на членови на Судски совет од Собранието, вели дека ако се усвои моделот на кој работеле процесот ќе биде потранспарентен.
„Не знам дали ќе остане така, дали нешто ќе се смени. Ќе биде уште потранспарентно. Го подигнавме прагот на работно искуство, на еден начин направивме обид да кажеме што е тоа истакнат правник. Нема дефиниција, но бараме да имате препораки, најмалку двајца од вашата фела треба да стават ‘црно на бело’ дека сте со високи морални вредности, дека сте професионалец и слично. Треба да имате и 20 години работен стаж, има некои такви работи каде што ќе отежне, јас не велам дека ќе биде перфектно…“,
кажа Камбовски, но одби да одговори што лично не му се допаѓа во новиот закон.