„Немам потреба да се пуштам во дискусија кон нешто што е јасно и со закон, пропис и процедура. Моја обврска е да следам процедура. Во моментот кога ќе има соодветен предлог што ќе дојде до мене, нема да стои туку ќе оди на седница. Ќе треба да се обезбеди гласање“, вели Џафери
Џафери вели дека доколку пропадне изборот на член на ДИК, има време да се распише нов оглас
Кога ќе стигне предлогот за член на Државната изборна комисија (ДИК) веднаш ќе биде ставен на пленарна седница за гласање, најави претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите.
Тој вели дека околу прашањето за избор на член на ДИК постапува според процедури и не толкува нечии изјави.
„Не е тенденција. Им зборувам на тие што зборуваат по конференции дека тоа е така. Треба да обезбедат двотретинско мнозинство, во смисла тие да комуницираат меѓусебно. Не е проблемот во процедура, колку што може да биде проблемот во бројките. Не навлегувам во тоа кој што изјавува. Јас си ги следам процедурите. Моја обврска е да следам процедура, а не да се бавам со толкување на нечии изјави. Јас упатувам на процедура и на правила. Немам потреба да се пуштам во дискусија кон нешто што е јасно и со закон, пропис и процедура. Моја обврска е да следам процедура. Во моментот кога ќе има соодветен предлог што ќе дојде до мене, нема да стои туку ќе оди на седница. Ќе треба да се обезбеди гласање“,
рече Џафери.
Објаснувајќи го Деловникот, Џафери рече дека деловнички е множно двајца кандидати за член на ДИК да одат на гласање на пленарна седница.
„Треба да се утврди еден кандидат, но деловнички е можно ако на Комисија не може да се утврди, тогаш е можно на гласање на пленарна седница да се случи ниту еден кандидат да не добие мнознство гласови на Комисија. Но, за тоа не се одлучува на Комисија. Тогаш и двајцата кандидати треба да одат или никој нема да добие соодветно мнозинство и секоја ситуација има свое решение, односно последица и постапка потоа“,
рече Џафери.
Џафери истакна дека доколку пропадне изборот на член на ДИК, има време да се распише нов оглас.
„Има време за нов оглас ако пропадне изборот на член на ДИК. Огласот трае осум дена. Собранието донесува одлука да се распише оглас, а за да се донесе одлука треба се одржи седница. Има време да се усогласи и да се избере кандидатот, но има време и евентуално да се повтори огласот“,
рече тој.
Џафери соопшти дека по основ на Изборниот законик испратил писмо до партијата на Аријанит Хоџа за да предложат кандидат за член на ДИК.
„Членот 27 од Изборниот законик вели ‘претседателот на Собранието листа на кандидати што ја добива од Комисијата за именувања и избори по огласот, ја доставува до партите во опозиција’. А кои се тие партии во опозиција во актуелниот момент? Јас не сакам да навлегувам во таа дебата, затоа што ќе испадне дека јас давам насоки по однос на толкувањето. Пратеникот Фадил Зендели се обиде тоа да го каже, но тоа има друга реперкусија ако навлезам, но јас не сакам да навлезам во толкување на тој дел. Можно е законот да е недоречен до крај по однос на состојбите, меѓутоа формулацијата е ‘листата се доставува до опозициските партии’ и сега опозициски партии во моментов се тие“,
додаде Џафери.
Според него, испразнетото место во ДИК не може да го доведува во прашање легитимитетот на изборниот процес.
„За функционалноста на ДИК соодносот е таков, под претпоставка, затоа се предвидени и такви соодноси за да не може да дојде во ситуација да биде пата-пата. Правно може да функционира. Не смее да се доведе легитимитетот и легалноста на работа на ДИК по однос на тоа прашање“,
рече тој.
Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.
За член на Државната изборна комисија пријавени се два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили подржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.
Од „Европски сојуз за промени“ велат дека доколку до 31 декември не биде избран за член на ДИК кандидатот од нивните редови тогаш најавија дека ќе го напуштат и бојкотираат Собранието.
Освен бојкот на Собранието, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, најави дека нивната коалиција ќе преземе и други радикални мерки, за, како што вели, на власта да ѝ стане јасно оти составот на ДИК и спроведувањето на изборите треба да биде во рамки на законот.