Украина и Молдавија веќе ги користат поволностите од „роаминг како дома“. Тоа значи дека нивните граѓани зборуваат на телефон, праќаат пораки и користат интернет во земјите од Европската Унија по цени како дома. Македонија не влезе во пакет со овие две земји, но со Албанија и Црна Гора очекува тоа да се случи во текот на 2026 г.
„И тогаш кога првпат ја споменав оваа замисла и идеја, беше дека ние мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски и тие ќе ги завршиме до февруари. Останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ“, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски

Тоа ќе зависи од политика. Вака одговори министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прашањето – кога македонските граѓани ќе можат во земјите од Европската Унија да зборуваат на телефон, да праќаат пораки и да користат интернет по цени како што ги имаат дома.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Андоновски дополни дека во врска со овој процес, Македонија до февруари ќе ги заврши домашните задачи.
Андоновски: Да бидам докрај искрен, тоа ќе зависи од политика. Затоа што ќе се случува во текот на 2026 година. И тогаш кога првпат ја споменав оваа замисла и идеја, беше дека ние мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски и тие ќе ги завршиме до февруари. Останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија–ЕУ и Западен Балкан–ЕУ.
360°: Се појавија неофицијални информации дека е можно тоа да се случи од есен. Ако ја следиме логиката на тоа каков беше распоредот на одлуки за Украина и за Молдавија – за нив Советот на ЕУ одлучи во јули за да стартуваат од 1 јануари годинава. По аналогија, во март би требало да бидат донесени одлуките за Македонија, за евентуално од септември да стартува „роаминг како дома“. Реално ли е тоа, можно ли е?
Андоновски: Што се однесува до нашата домашна задача – целосно реално, затоа што ние обврските ќе ги исполниме, можам да кажам, први во регионот, што беше и првиот таргет. Се надевам дека ќе постои свесност и кај ЕУ дека отворањето на ова прашање ќе биде од огромно значење за сите граѓани.
360°: А можно ли е Црна Гора и Албанија пред нас да ја добијат поволноста, како што беше објавено?
Андоновски: Тоа го прочитав на еден портал од Брисел, којшто потоа беше погрешно пренесен. Се цитира изјава на претседателката на Европската комисија во која коментира дека за Црна Гора постои можност, но не ги коментира другите држави. Според моите информации – не, сиот ангажман зависи од секоја држава поединечно.
360°: И уште еднаш сумирано, што треба да се заврши како домашна задача?
Андоновски: Четири регулативи пренесени во Законот за електронски комуникации, во една измена, и дополнително еден или два подзаконски акти.

Инаку, од 1 јануари годинава граѓаните на Украина и на Молдавија можат да разговараат додека се на територијата на земјите членки на Европската Унија по цени како да се дома, односно за нив почна да важи „роаминг како дома“.
На прашањето зошто тоа не се случи и со Македонија, Андоновски вели дека во ниту еден момент Македонија не била ставена во групата на Украина и Молдавија.
Андоновски: Ова прашање е едно од најважните кои нè засегаат и сметам, барем според мое мислење, е на ниво на визната либерализација, затоа што навистина се чувствува придобивката да бидете дел од поширокиот европски простор и во рамки на телекомуникацискиот свет. За нас беше топ-приоритет, но во ниту еден момент не бевме поставени во групата на Украина и Молдавија, кои први го започнаа процесот што беше инициран и од војната во Украина и од напливот на бегалци од Украина кон Полска и кон останатите држави на Европската Унија.
360°: Ако го следиме принципот на сениоритет во однос на тоа кој кога станал земја кандидат, Украина и Молдавија станаа кандидати во 2022 година, а Македонија е кандидат од 2005 година. Нели беше логично Македонија да биде дури и пред овие две земји?
Андоновски: Би се согласил со вас ако денеска бевме и држава членка, затоа што ние преговорите ги започнавме со Хрватска и ќе беше политички коректно, ако ги исполнуваме сите услови, да станеме членка заедно со Хрватска. Но, тоа не се случи. Овде поентата ми е дека има две страни во договарањето за „роаминг како дома“ – едната е политичка, а другата е завршувањето на домашната задача. Политичкиот аспект потекна како проект од Украина и поради тоа тие беа ставени на брза лента и нивниот процес е завршен, а тие можат да ги користат услугите од оваа година. За нас, како и за Црна Гора и Албанија, беше најавено дека процесот ќе се одвива во текот на 2026 година, доколку ние ги имаме исполнето домашните обврски.
360°: Станува збор за нефер и непринципиелен однос на ЕУ или за отсуство на иницијативност од земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија?
Андоновски: Не, не би се согласил дека е отсуство на иницијативност, затоа што за првпат се повика Европската Унија да обезбеди еднакви роаминг-услови за Македонија и за регионот уште на почетокот на Берлинскиот процес, кога тоа беше овозможено за државите од Западен Балкан. Што значи дека и моите претходници и претходните влади се обидувале на некој начин да дискутираат, но ќе дојдам до тоа дека, за жал, не беше завршена домашната задача. Вториот аспект, политичкиот, сметам дека потекна од Украина поради кризата и беше вграден во договорите со Украина и со Молдавија во моментот кога тие беа потпишани. Кај нас и кај Црна Гора и Албанија нема потпишано таков вид договор, што значи ќе треба билатерално да се договараме. Во нашите договори за стабилизација и асоцијација не стојат прашањата на роаминг како можност за ослободување. Околу домашната задача – ние требало уште од 2018 година да го приспособиме европскиот комуникациски код. Тоа е еден голем законик на Европската Унија, во нашиот Закон за електронски комуникации, и уште четири други регулативи – две од 2016 година, една од 2018-2019 и една од 2022 година. За жал, ниту една од овие регулативи не биле пренесени во македонското законодавство. Ние направивме еден голем чекор со донесувањето на Законот за електронски комуникации во текот на 2025 година и на крајот на 2025 дополнително го доусогласивме.
Новиот Закон за електронски комуникации беше донесен летото минатата година, а веќе во декември истиот закон беше изменет и дополнет. Па го прашавме министерот – зошто измените донесени во декември не беа предвидени при носењето на новиот закон неколку месеци претходно.
Андоновски: Првенствено, затоа што стануваше збор за фаќање на рокот јуни 2025 година околу Реформската агенда, што беше наша обврска. Втор аспект, ние го немавме тогаш изработено акцискиот план за „роаминг како дома“, што значи Европската Унија немаше разјаснето кои се барањата, а се однесуваат на „роаминг како дома“ стриктно, освен европскиот комуникациски код. Кај него ни требаше период да го доусогласиме. Од јуни до декември работевме на доусогласување и расчистување на гап-анализите. Од 2018 до 2025 година немало во државава акциски план што е потребно да направиме за да стасаме до „роаминг како дома“. Ние направивме четири гап-анализи во текот на втората половина на 2025 година, во кои точно знаеме кој член од која од регулативите треба да се пренесе како измена на закон.
360°: И сега уште еднаш треба да се менува Законот за електронски комуникации?
Андоновски: Уште еднаш ќе го менуваме Законот за електронски комуникации, најдоцна до февруари ќе го завршиме процесот на промена.
360°: А зошто сега во декември не го направивте тоа?
Андоновски: Не беа готови гап-анализите. Дури можно е да се случи ситуација, затоа што измената ја правевме заради Реформската агенда (оваа измена во декември), па може да се случи Европската Унија да бара и дополнителни измени. За жал, не ни беше одговорено на барањето дали Законот ваков е усогласен со барањата од Реформската агенда, чекавме четириесетина дена од ЕУ. Влеговме во измена за ние нашата задача да си ја завршиме, но ќе очекуваме во текот на јануари дополнителни коментари.
360°: Имате една изјава во септември дека обврските за „роаминг како дома“ ќе ги исполниме до декември. Е сега зборуваме за дополнителни услови што треба да се доработуваат во текот на следните месеци. Зошто не успеавте до декември?
Андоновски: Да, на 1 октомври ја кажав таа изјава, реков до крајот на годината. Внимателно следев и сметав дека со овие измени ќе бидеме готови. Можеби некоја техничка моја грешка, но си дозволив да го продолжам рокот до втората половина на февруари – тогаш ќе бидеме готови.
