На веб-страницата supportkocani.com е објаснет принципот на кој може да се донира и од Македонија и од странство

Кочанчанецот Иван Ивановски заедно со група волонтери, со цел да им помогнат на семејствата на загинатите и на повредените во ужасната трагедија која се случи во Кочани, изработија платформа за директна уплата на трансакциските сметки на засегнатите.
На веб-страницата е објаснет принципот на кој може да се донира и од Македонија и од странство. Ивановски вели, идејата е да се добие на брзина, бидјеќи на засегнатите семејства им се неопходни средства.
„(Директно) заради тоа што сега за сега гледаме дека е многу спор процесот. На пример, другите методи ги собираат парите, не знаеме кога ќе ги трансферираат на луѓето. Луѓето до вчера никој немаа пари и заради тоа се одлучивме на ваков чекор. Луѓето се благодарни и ни пишуваат пораки“,
вели Ивановски.
Бидејќи страната сè уште не беше ажурирана во моментот кога го посетивме објектот во кој волонтерите работат на платформата, го прашавме Ивановски која е вкупната сума што досега ја имаат собрано. Вели, можеби и повеќе од 30 илјади евра.

„Кога донираат, ни праќаат слики за потврда, имаме 3GB слики… моја препотставка е дека има 30 илјади евра, може и многу повеќе, ќе видиме како ќе ги процесираме податоците“,
дополни Ивановски.
Тој се оградува од обвиненија и не се сомнева дека донациите досега собрани преку други платформи ќе бидат исплатени, само потенцира дека таа процедура е побирократска и треба повеќе време.
„Не обвинувам, сакав да најдам побрзо решение, како луѓето на кои навистина им е потребно, што побрзо да добијат“,
вели Иван Ивановски од „Мастерклас.мк“.

Во кочанската трагедија на 16 март загинаа 59 лица, а повредени се над 190. Во истрагата за тоа како дошло до несреќниот случај се опфатени 34 физички лица и три правни лица.