Аријанит Хоџа од БЕСА по средбата изјави дека не навлегле во темата за евентуален нов мандатар или за нов состав на Владата, а откако Заев бил дециден дека останува на оставката, тие побарале да се даде простор за колку време тоа би се извршило, за да не се направи погрешен чекор што би водел во предвремени избори за што сите се согласиле дека не е момент
Сите партнери кои учестувааат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Зоран Заев затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи да ја предводи и да се продолжи со политиките затоа што тоа го очекуваат граѓаните, изјави првиот вицепремиер Артан Груби по денешната средба на премиерот и прретседател на СДСМ со владините коалициски партнери.
„Недвосмислено дадовме поддршка на политиките на Владата на премиерот и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда на Владата и немаше ниту еден сомнеж од ниту еден од учесниците на состанокот во однос на парламентарното мнозинство“,
рече Груби.
Аријанит Хоџа од БЕСА рече дека воопшто не навлегле во темата за евентуален нов мандатар или за нов состав на Владата, иако тој потврди дека Заев останува на оставката.
„Нашето барање беше тоа да биде процес односно простор за колку време тоа би се извршило, бидејќи сме во многу деликатна политичка ситуација каде што навистина може било каков погрешен чекор да направи тотален хаос, а тоа би не носело во предвремени избори за што сите се согласивме дека не е момент“,
рече Хоџа по средбата.
Во соопштението владината прес служба по средбата се вели дека сите партнери од парламентарното мнозинство се соласиле дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.
Во соопштението се нагласува дека заеднички е констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции.
„Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување“,
се вели во соопштението од средбата во кое се нагласува дека на неа присустувале сите коалициски партнери.
Пред средбата лидерите на ДОМ, ЛДП, НСДП и ДПА изјавија дека остануваат во владејачката коалиција.
Овие партии имаат вкупно шест пратеници во парламентарното мнозинство кое брои 62, и тоа: двајца има НСДП (Горан Мисовски и Соња Мираковска), двајца ЛДП (Боби Мојсоски и Моника Зајкова), еден ДОМ (Маја Морачанин) и еден ДПА (Мендух Тачи).
Денешната средба следи откако синоќа премиерот Зоран Заев поднесе оставката од премиерската функција и од функцијата лидер на партијата, но дека останува на ставот оти не се потребни парламентарни избори.