Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во дводневна посета на Загреб, оптимистички и преку комплименти порача дека земјата како успешна приказна на процесот на евроинтеграциите во наредните месеци ќе биде таа која ќе претседава со Советот на ЕУ во клучните месеци за Западниот Балкан.
„Ова е првпат Хрватска да го презема претседавањето со Советот. Тоа е важно за Европската комисија бидејќи ќе претседава и во текот на нашите први сто дена како нов состав… Идните месеци се особено важни за нашите односи со Балканот. Таа тема ја претставивте како приоритет, знаеме дека можеме да сметаме на Хрватска и дека Хрватска е голем заговарач на оваа тема“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата со хрватскиот претседател Андреј Пленковиќ.
Пленковиќ најави дека на Самитот во Загреб на почетокот на мај сакаат да внесат нова динамика и по можност, како што рече, да се разреши и деблокира ситуацијата во однос на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
На ова, претседателката на ЕК потенцира дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле бараните критериуми и дека сега е ред на ЕУ да ги исполни ветувањата.
Очекува во рамки на Унијата да продолжи дебатата за методологијата за пристапување на која инсистира Франција, но нејзините надежи се дека паралелно со овој процес ќе тече и процесот на преговори со нашата земја и Албанија.
„Сложеноста на новата методологија ќе ја претставиме кога ќе ја претставиме. Мислам дека може да работиме на темите што беа покренати во Европскиот совет. Но мора да најдеме начин да продолжи паралелниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е дека вратата е отворена и дека тие може да ги започнат преговорите за членство. Значи, ова е паралелен процес за обнова на методологијата и продолжување на процесот со овие две земји. Ние од нив баравме многу за да ги исполнат критериумите, тие го сторија тоа и ние сега не треба да ги менуваме условите и правила за нив. Во таа насока, јас го очекувам новиот предлог и се надевам дека ќе бидеме успешни“,
рече Фон дер Лајен.
Како што веќе објави „360 степени“, Европската комисија работи на план чија крајна цел е почеток на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија во март годинава. Како треба да изгледа временската рамка за идните чекори, може да прочитате ТУКА.