Според обвинителот, катастрофата не настанала само како резултат на активирањето на пиротехниката кобната вечер, туку и поради тоа што било дозволено „Пулс” да функционира како угостителски објект. Истрагата ги однела до 2012 година, кога Дејан Јованов решил да отвори угостителски објект, а за тоа го одбрал објектот што првично бил наменет за лесна индустрија
Клубот „Пулс“ отсекогаш бил смртоносна стапица. Никулците на оваа невидена катастрофа биле изникнати одамна. Дејан Јованов тоа никогаш не сакал да го види. Ќе видите на што бил подготвен овој човек само заради профит, кажа застапникот на обвинението Борче Јанев во воведните зборови на почетокот судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Обвинителот во воведниот говор акцентот го стави на континуитетот на непреземени дејствија од надлежните институции, поради што дошло до трагедијата.
„Снимките кои го обиколија светот се само завршниот чин на институционалното зло кое излезе на виделина кобната вечер. Таа вечер изгоре иднината на многу млади луѓе. Нивните животи згаснаа поради вителот на институционалната неодговорност. Бидете сигурни дека нивните дела ќе ве потсетат на ликови од делата на Гогољ, Достоевски и Орвел“,
рече јавниот обвинител.
Опасноста, додаде тој, демнела со години, но никој не сакал да ја види. Катастрофата, според обвинителот, не настанала само како резултат на активирањето на пиротехниката кобната вечер, туку и поради тоа што било дозволено „Пулс” да функционира како угостителски објект.
Додека обвинителот го изнесуваше воведниот говор, меѓу присутните родители во делот за јавност во судницата можеше да се слушне тивок плач.
„Кој дозволи работа на објектот иако никогаш немал намена за угостителска дејност?“,
праша Јанев.
Последиците од овој настан, кажа тој, се неизлечиви затоа што никој никогаш не се обидел да го спречи. Доказите на Обвинителството, како што наведе тој, ќе покажат, без никаква дилема, дека предмет на разгледување не смее да биде само палењето на пиротехничките средства. Суштината на инспекциските служби, рече Јанев, во таа насока е да превенираат, што во случајот со „Пулс” не било направено.
Говорејќи за првообвинетиот сопственик Дејан Јованов-Деко, обвинителот рече дека ги вовлекол и сопствениот кум, брат и син во незаконските активности.
„Последиците имале хаотичен, но и предвидлив тек”,
рече Јанев.
Во овој настан, кажа тој, повеќе од јасно е дека должноста на институциите молчела. Истрагата ги однела до 2012 година, кога Дејан Јованов решил да отвори угостителски објект, а за тоа го одбрал објектот што првично бил наменет за лесна индустрија.
„Во 2012 година почнал вителот што доведе до кобната вечер“””,
рече обвинителот.
Првото барање за регистрирање на угостителскиот објект како што кажа, било одбиено, но за кусо време првообвинетиот Јованов побарал нова дозвола која овојпат ја добил, а на која потпис ставил тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини.
„Почнала со работа дискотеката. Никој не реагирал од надлежните иако објектот не бил во согласност со урбанистичкото планирање на општина Кочани. Затоа велиме дека не затаила само должноста, туку и совеста. Објектот никогаш не смеел да биде регистриран како кабаре”,
тече обвинителот во воведниот говор.
Обвинетите, како што кажа, никогаш не извршиле контрола во т.н. кабаре. Кажа дека од 2012 година во Кочани воопшто немало инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, а годишните планови биле пишувани паушално.
„Никогаш не бил земен во предвид ризикот во местата каде има собир на голем број лица. Доказите покажуваат дека вината овие надлежни институции си ја префрлале едни врз други. Бидете уверени дека во доказите ќе сретнете парадоксални ситуации. Сите чекале граѓаните да им кажат за неправилности за тие да постапат. Превентивниот механизам останал мисловна именка. Тоа најдобро може да се илустрира со тоа што по настанот за еден месец беа извршени контроли низ целата држава при што биле констатирани неправилности и биле затворени објекти. Затоа сме убедени дека континуитетот што го даваат доказите не е случајност”,
посочи Јанев.
Обвинителот се осврна и на критичната вечер и обезбедувањето на клубот од агенцијата „Рубикон“. Во таа насока кажа нивната улога без соодветна проценка и безбедносен ризик на локација каде се собираат голем број на посетители. Бројот на работници била несоодветен и имало неконтролиран влез на гости, кој критичната вечер достигнал и над 600 гости, во, како што кажа обвинителот целосно недозволен и небезбеден просторен капацитет.
„Бил дозволен и влез на деца и нивно присуство во објектот по полноќ, отсуствувала задолжителна идентификација и проверка за внес на недозволени и опасни средства по животот на присутните, со што овозможиле преку внесот на пиротехничките средства од страна на починатиот Мартин Атанасовски за потребите на сценскиот музички настап на групата ДНК, истите дополнително да бидат активирани.
Димензијата на оваа трагедија и зошто последиците беа толку разорни, според обвинителот се рефлектираат и во неколку клучни фактори присутни од самото отворањето на дискотеката.
„Почитувани како држава постоиме веќе 80 години со изграден правен систем а како демократско општество повеќе од 30 години коешто постојано се стремиме и очекуваме да го подобриме кон повисоки стандарди но за тоа ни треба и повисоки стандарди на одговорност и однесување особено кога станува збор за извршувањето на функциите коишто државата ни ги довериле. Таа одговорност во прв план се однесува на граѓаните на оваа држава и секое непостапување према законските норми должност и овластување, особено од аспект на безбедноста на граѓаните како резултат не може да има ништо друго освен настапување на вакви штетни последици. Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција,— пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда, но не заради утеха и одмазда, правда како последица на незаконитост..За светлата во дискотеките никогаш повеќе да не го заслепат разумот и за ниту еден лажен сјај“,
рече обвинителот на крајот од воведниот говор.
Неговиот воведен говор беше поздравен со аплауз од родителите на загинатите.
„Браво за обвинителите и срам за бранителите на обвинетите кои пак ги убија нашите деца. Не ја чувствуваат нашата болка, нашите непроспиени ноќи чекајќи ги своите деца да се појават. Видов луѓе кои немаат никакви чувства, со тоа што сакаат да ги бранат овие луѓе заради пари”,
рече Светлана, мајка на Андреј Стојанов кој загина во „Пулс“.
Следното рочиште е на 25 ноември кога воведни говори треба да даде одбраната на 35 обвинети физички и три правни лица.
Поврзани вести:
