„Во овој момент Клиниката има 1 907 170 009 денари. Со ваков буџет менаџирањето е полесно од претходните години, но иако цифрите се големи и зголемувањето е значајно, за жал, и овој одобрен буџет не ја покрива реалната потреба на Клиниката“, рече актуелната в.д. медицинска директорка на Онкологија, Виолета Клисарова
Буџетот на Клиниката за онкологија е ограничен и далеку помал од реалната потреба за набавка на терапија, вели д-р Виолета Клисарова, в.д. медицинската директорка на Клиниката, која денеска сведочи пред Анкетната комисија за истражување на работата на Онкологија. За оваа, како што рече, агонија во која е доведена Клиниката постојано укажувала до Владата и до Министерството за здравство.
Во обраќањето пред Анкетната комисија кажа дека најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурсите е нивната ограниченост наспроти неограничениот на пациенти кој секој ден се зголемува.

Клисарова посочи дека оваа календарска година Клиниката има повисок буџет и се внимава месечните нарачки на лекови да бидат во рамки на одобрените месечнини, иако има се случуваат и отстапувања. Додаде дека постојано се во координација со ФЗОМ и прават постојан притисок за одобрување дополнителни средства.
Во јануари годинава на Клиниката ѝ е одобрен вкупен буџет од 1 719 200 000 денари, поделен на основен и условен. Во мај Клиниката добила дополнителни 60 милиони за основен буџет и околу осум милиони денари за корекција на минимална плата, како и дополнителни 120 милиони денари за условен буџет во септември.
„Во овој момент Клиниката има 1 907 170 009 денари. Со ваков буџет менаџирањето е полесно од претходните години, но иако цифрите се големи и зголемувањето е значајно, за жал, и овој одобрен буџет не ја покрива реалната потреба на Клиниката“,
рече д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Онкологија.
Во врска со долгот на Клиниката, Клисарова вели дека најголемиот долг почнал да се создава во 2021 година кога изнесувал 394 721 263 денари, а уште повеќе се зголемил во 2022 година. Во ноември минатата година, кога таа ја презела в.д. директорската функција, како што рече, долгот бил највисок и изнесувал 823 185 746 денари.
Во 2018 година, како што додаде, Клиниката имала околу 231 илјада денари долг, во 2019 година околу 355 илјади денари, а во 2020 долгот изнесувал 94 357 707 денари.
Главната причина за ваквото прогресивно зголемување на долгот, според Клисарова, е поради набавката на лекови кои не се на позитивната листа, надвор од тековно одобрените буџети соодветно по годините.
„Големиот долг наследен од претходно дополнително ја усложнува состојбата на Клиниката и ја става во повеќе судски спорови, дополнителни трошоци за камати и за дел од нив веќе имаме правосилни судски пресуди“,
рече Клисарова на сведочењето на седница на собраниската Анкетна комисија.
Посочи дека намалувањето на долгот почнало во декември минатата година кога од Фондот за здравствено осигурување биле одобрени средства за исплата на долгови. Додаде дека долгот е во тенденција на опаѓање, а во јули годинава бил речиси преполовен и изнесувал 474 675 492 денари.