Д-р Кузмановски на Клиниката за неврологија доаѓа на местото на д-р Фатмир Меџити, а Петкоска-Спирова на Клиниката за кардиологија доаѓа на местото на примариус д-р Беким Поцеста

Клиниките за неврологија и кардиологија добија нови директори. Како што потврдиле од Министерството за здравство за МИА, на Клиниката за неврологија за нов директор е поставен д-р Игор Кузмановски, а на Клиниката за кардиологија д-р Даница Петкоска-Спирова.
„Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од 7.8.2025 (четврток)“,
посочуваат од Министерството.
Оттаму не одговориле дали се планирани смени на директори на други клиники.
Д-р Кузмановски доаѓа на местото на д-р Фатмир Меџити, а Петкоска-Спирова на местото на примариус д-р Беким Поцеста.
Кузмановски е роден во 1972 година во Скопје. Вработен е на Клиниката за неврологија од 1996 година. Дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје со просечна оцена 9,12, а специјалистичкиот испит по неврологија го положил во 2002 година. Докторирал во 2016 година и е актуелен професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Петкоска-Спирова, истакнат супспецијалист кардиолог, дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 2007 година, а докторирала во областа на инвазивни техники за третман на каротидната артериска болест. Од 2011 година е вработена на Клиниката за кардиологија каде што ги применува своите напредни дијагностички и терапевтски вештини стекнати и при престои во реномирани светски кардиолошки центри. Има многубројни научни публикации во списанија со високо влијание и е учесник во меѓународни научни студии од областа на кардиологијата.