„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман“, вели министерот за здравство, Азир Алиу
Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиологија ќе се спојат во единствен центар. Ваква одлука, на предлог на Министерството за здравство, донела Владата на последната седница што се одржа во вторникот (24 февруари), соопштија денеска од ресорното Министерство.

Целта на спојувањето, како што информираат оттаму, е обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресруси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“,
вели министерот за здравство, Азир Алиу, се наведува во соопштението.
На овој начин, се додава, ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби.
Пациентите, според Министерството за здравство, ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што, како што се додава, ќе значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Дополнително од МЗ велат дека спојувањето на клиниките ќе придонесе и кон развој во сегментот на едукација и истражување, преку креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
