Во рамки на отворениот ден, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да добијат бесплатен доплер на каротидни артерии. Прегледите ќе се вршат во просториите на Клиниката за неврологија во периодот од 10 до 12 часот, при што не е потребен упат

По повод Светскиот ден на мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври, Универзитетската клиника за неврологија утре, 28 октомври, организира отворен ден за граѓаните, со цел подигнување на свесноста за превенција, рано препознавање на симптомите и навремено лекување на мозочниот удар. Настанот ќе се одржи под мотото „Мозочниот удар се лекува“, соопшти Министерството за здравство.
Во рамки на отворениот ден, сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да добијат бесплатен доплер на каротидни артерии. Прегледите ќе се вршат во просториите на Клиниката за неврологија во периодот од 10 до 12 часот, при што не е потребен упат.
Со овој настан Клиниката испраќа клучна порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик-факторите што можат да доведат до мозочен удар. Од Министерството потенцираат дека граѓаните треба да обрнат внимание на фактори како што се зголемен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Целта е да се нагласи дека брзата дијагностика и интервенција се клучни за превенција и спасување на животот.
