Мерките, меѓу другото, подразбираат одложување на работниот процес во критичните часови од 11:00 до 17:00 часот за работници изложени на директна топлина, работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо, ослободување од работни обврски за бремени жени и лица над 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа
По најавата на УХМР дека дневните температури оваа недела ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, Владата на денешната седница донесе одлука за спроведување на мерките согласно црвената топлотна фаза.

Според тоа, Министерството за здравство во координација со УХМР и Институтот за јавно здравје е задолжено редовно да информира за состојбата со топлотниот бран, а здравствените установи, установите за згрижување стари лица и образовните институции да постапат согласно протоколите за кризна состојба.
Образовните институции и градинките треба да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Во однос на работните услови и заштита на работниците, се препорачува да се разгледа можноста за:
„Одложување на работниот процес во критичните часови од 11:00 до 17:00 часот за работници изложени на директна топлина, реорганизација на работните процеси за вработените изложени на директна топлина, работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо, работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно Акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку, ослободување од работни обврски за бремени жени и лица над 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа.“
Согласно мерките од Акцискиот план за превенција на последиците од топлотниот бран, здравствените, образовните и социјалните установи треба да постапат согласно плановите за вонредни состојби, односно да го ротираат персоналот и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените.
Од друга страна, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица.
Во сетот мерки за превенција од последиците на топлотните бранови е и мерката за обезбедување климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.