Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, успехот на обвинението за случајот со Онкологија е важно за целото здравство

Обвинението за Онкологија е важно за целото здравство, вели директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, во неделното интервју за РСЕ.
„Сите случаи што ги затекнавме и кои не се тајна… Таму има и многу јасни случаи кај што не треба вештачање во странство, и не треба не знам каков истражителски напор. Ние апелираме постојано кон Обвинителството да постапи по тие кривични пријави и сега топката е во дворот на Обвинителството. За мене значи многу што Обвинителството се одважи да тргне со случајот за Онкологија и се надевам дека го има добро подготвено, зашто успехот на тоа обвинение е од битно значење за иднината на здравството во Македонија“,
одговара Клековски на забелешката дека иако по стапувањето на функција рече дека има многу финансиски злоупотреби, сепак досега нема започнати процеси.
Меѓу другото, директорот на ФЗО во интервјуто говори и за проблемите со недостатокот на лекови во Онкологија.
„Пред неколку месеци, при транзитот од една година во друга година, се случи привремен прекин, меѓутоа тој беше надминат со итна набавка на лекови. Оно што сега во моментот се случува како недостаток на лекови е исклучиво поради дистрибутерски дефект, односно каде што дистрибутерите не можат да го испорачаат лекот. Значи, ние не сме изолирани, независен сад, ако е прекинато производството во содветната фабрика и го нема достапен лекот, најчесто се обидува да се позајми лекот од каде го има на залиха, меѓутоа некогаш го нема никаде, така да се случуваат превремени дефектури. Во моментот нема ни еден лек кој недостасува, а за кој нема замена“,
тврди тој.
Целото интервју на Клековски за РСЕ на овој линк.