Финансирањето на лекувањето на пациентите е прашање на кое во првите денови од несреќата не размислувала Владата, а ниту го покренале соседите, но директорот на ФЗО смета дека тоа дополнително ќе се отвори бидејќи дел од лекувањата ќе бидат исклучително долготрајни, гледано од досегашните искуства на Фондот
Очекуваме од понеделник да почнат да се враќаат повредените пациенти од пожарот во Кочани што се лекуваат во странство, рече вечерва во гостување на ТВ Сител, Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), коментирајќи дека на македонското здравство во следниот период му претстои темелна реформа.

Веќе, како што посочи се работи на планот за следните фази за рехабилитација на оние пациенти.
Вкупната бројка на повредени од пожарот е околу 200, од кои во домашните болници се сместени 72 пациенти, а во странство се 111 пациенти.
„Завршуваат преносите во странските бопници. Денеска се транспортирани три пациенти во Турција, седум пациенти во Шпанија, а последниот транспорт со двајца повредени ќе биде во Чешката Република“,
кажа тој.
Според него, се уште имаме пациенти на интензивна нега, меѓутоа сите се стабилни со позитивна прогноза.
„Во основа логиката на ова што го направивме изминатите денови, бидејќи не знаевме кој ќе биде обемот на трагедијата, беше што повеќе тешко повредени, критични повредени да се пренесуваат во странство. Таа одлука е донесена од Владата многу рано, веќе во утринските часовиод трагедијата“,
посочи директорот на ФЗО.
Први на помош пристапиле државите од соседството, како Бугарија, Грција, Србија и Турција. Тие реагирале најбрзо со сопствени авиони и испратиле сопствени возила, а Бугарија и Србија испратиле и итна помош.
Додаде дека Владата го активирала механизмот за цивилна заштита на Европската унија на вториот ден од несреќата кога се пополниле капацитетите во соседните земји и кога почнале да доаѓаат нови пациенти.
Ги потенцираше странските медицински тимови што пристигнаа на помош во земјата од Србија, Израел и од Чешката Република со експертиза за изгореници кои им помогнале на домашните здравствени работници во болниците каде се лекуваат средно тешките пациенти.
Според него, допрва претстои долготрајна фаза на лекување, рехабилитација и психосоцијална работа на пациентите од пожарот во Кочани.
Имаат понуда и од израелското Министерство за здравство да работат на механизми за справување со вакви кризни состојби.
Финансирањето на лекувањето на пациентите е прашање на кое во првите денови од несреќата не размислувала Владата, а ниту го покренале соседите, но Клековски смета дека тоа дополнително ќе се отвори бидејќи дел од лекувањата ќе бидат исклучително долготрајни, гледано од досегашните искуства на Фондот.