Директорот на ФЗО вели дека по повеќе од 10-годишно одложување донесена е одлука за зголемување на цените на основниот специјалистички пакет и за интернистичкиот пакет
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најави дека од 1 јануари ќе има симболично зголемување на партиципацијата за здравствени услуги. За услуга за која сега се наплаќа 40 денари, како што рече Клековски, отсега ќе се наплаќа 60 денари.

Директорот на ФЗО вели дека по повеќе од 10-годишно одложување донесена е одлука за зголемување на цените на основниот специјалистички пакет и за интернистичкиот пакет.
„Специјалистичкиот преглед, според ценовникот на Фондот, досега беше 380 денари и е децениска цена. Сега зголемувањето е на 720 денари. Нето-ефектот на оваа одлука за здравствените установи ќе биде околу милијарда денари на годишно ниво, 80 отсто во јавниот и 20 отсто во приватниот сектор, бидејќи имаме јавен и приватен специјалистички сектор. Интернистичкиот пакет е со помал ефект, ќе биде плус околу 340 милиони денари“,
изјави Клековски.
На денешната средба со новинарите, директорот на ФЗО најави дека во претстојната 2026 година позитивната листа на лекови ќе биде проширена трипати, а фокус ќе биде ставен на лековите за кардиоваскуларни заболувања.
Од следната година Клековски најави и построга контрола и казнена политика врз матичните лекари доколку се надминат квотите за препишување антибиотици и анксиолитици. Во оваа смисла рече дека ќе се воведе Е-рецепт – алатка која треба да обезбеди заднинска контрола и намалување на неоправданата употреба на лекови.
„Овој систем ќе ги заштити и докторите од притисоците да се пропише готова терапија, бидејќи знаеме дека некогаш притисокот доаѓа и од осигурениците, од граѓаните дека сакаат некој лек да го добијат без оглед дали тој е соодветен за нивната индикација. За нас најкритична е употребата на ‘сумамед’, кој треба да биде антибиотик за последна линија на одбрана, а минатата година имавме 23 отсто зголемување во неговото издавање“,
вели Клековски.
