Тој објаснува дека ваквиот недостаток се должи на фактот дека немало добра пресметка за тоа колку и кои лекови се потребни и дека веледрогеријата ги уценува со набавките
Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, вечерва во „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека нема да се купуваат лекови на реверс (позајмица вон договор) за Клиниката за онкологија и радиологија и со тоа да му се билда профитот на веледрогеријата добавувач. Тој истакна дека важен приоритет е детално планирање на набавката на лекови, а ќе се користат и директни спогодби со производителите, а не со веледрогериите.
Во однос на ситуацијата во Клиниката за онкологија, каде што се појави недостиг на биолошка терапија, Клековски објасни дека од вкупно 5 000 пациенти, само мала група се со недостиг на специфична терапија, и дека се работи на отстранување на овој проблем. Тој објаснува дека ваквиот недостаток се должи на фактот дека немало добра пресметка за тоа колку и кои лекови се потребни и дека веледрогеријата ги уценува со набавките.
„Финансиите не се проблем, обезбедивме доволно финансии со ребалансот за 2025. Она што се случува е тоа дека се обидуваме од минатото незаконско работење да преминеме во законско работење. И сега можеме на реверс да се јавиме да не недостасуваат лекови, но тоа е незаконскии. Така правите ѓаволски круг. Тој круг мора да се затвори“,
рече Клековски.
Во меѓувреме, вели тој, се чека од Јавното обвинителство да го расчисти веќе отворениот случај со работењето на Клиниката за онкологија до чии наоди дојде Државниот завод за ревизија.
„За одредени лекови ќе се бара донација како решение, за некои ќе има анекс на постоечките договори, а за некои ќе се прават директни договори со производителите, а не со веледрогериите, дополни Клековски за тоа кои се можните решенија за кризата, а без при тоа да не се кушуваат лекови на реверс со многу повисока цена“,
вели директорот на ФЗОМ.