Апелот следи по изјавата на кардиохирургот Сашко Кедев, кој обвини дека во дел од приватните болници се вршат непотребни интервенции заради профит, вклучувајќи и стентирања
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски во гостување на емисијата „Вести Плус“ на Канал 5 ТВ упати апел до граѓаните кои сметаат дека биле оштетени во кардиохирургија или при други медицински интервенции, да поднесат службени жалби.

Апелот следи по изјавата на кардиохирургот Сашко Кедев, кој обвини дека во дел од приватните болници се вршат непотребни интервенции заради профит, вклучувајќи и стентирања. Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три држави за проверка на работењето.
„Апелирам секој граѓанин кој е оштетен или мисли дека е оштетен да поднесе претставка со свои аргументи. Само така можеме конкретно да постапиме. Илјадници пациенти се стентирани и невозможно е досие по досие да се проверува без официјални пријави“,
изјави Клековски.
Тој нагласи дека ФЗОМ нема договори за стентирање со приватните клиники „Жан Митрев“ и „Систина“ и оти капацитетите за интервентна кардиологија во јавните установи се доволни – во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Охрид. Затоа вели дека нема договори за стентирање со приватните болници. Клековски појасни дека Фондот склучува договори со приватните здравствени установи само во области каде што нема јавен капацитет.
„Кардиохирургијата има договори со Жан Митрев, Систина и со државната Кардиохирургија, како и со одделите за васкуларна хирургија во други клиники. Контроли правиме редовно, но само за она за што имаме договор“,
вели директорот на ФЗОМ.
Клековски потенцира дека досегашните жалби до Фондот се однесувале на наплата на приватни средства, а не на стручниот дел на интервенциите. Дополнително, вели направени се девет вонредни контроли и во сите случаи пациентите дале писмена согласност дека ќе платат за побрз зафат. Тие не добиле жалба за стручноста на интервенциите, а во однос на тоа дали еден зафат бил навистина неопходен, тоа може да го процени само стручна комисија од експерти.
Претходно, о јавните тврдења на професорот Сашко Кедев оти во земјава се прават непотребни кардиолошки интервенции, министерот за здравство Азир Алиу рече дека е формирана интерна комисија, а дополнително ќе се направи и независен стручен надзор со тројца експерти од европските земји, но не од соседството, чиј извештај ќе биде јавно достапен и ќе претставува основа за евентуални законски измени или воведување нови протоколи.
„Заклучивме како Министерство за здравство да направиме комисија за стручен надзор што ќе се состои од експерти од странство. Кога велиме експерти од странство, сакав таа комисија да биде навистина независна и тој извештај од таа независна комисија да ни е патоказ за понатаму, ако има такви индиции – се потврдуваат истите, да може да се отстранат“,
кажа министерот за здравство.