Шејнбаум, прва претседателка на земјата со еврејско потекло, планира да ја продолжи програмата на Лопез Обрадор, вклучително и неговите социјални трошоци и проширување на железничката мрежа, истовремено следејќи ги сопствените приоритети
Клаудија Шејнбаум вчера беше инаугурирана како прва жена претседател на Мексико, наследувајќи го нејзиниот ментор, левичарскиот популист Андрес Мануел Лопез Обрадор.
„Време е за промени, а време е и за жени“,
рече Шејнбаум во Мексико Сити по нејзината церемонија на полагање заклетва.
Мексиканската претседателка (62) се заблагодари на својот, како што го нарече, харизматичен претходник, чија популарност ѝ помогна да дојде до чиста победа на изборите во јуни.
„Беше чест да се борам со тебе“,
му рече таа на Лопез Обрадор.
На инаугурацијата присуствуваа голем број високи дипломати и претставници, меѓу кои и шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и Џил Бајден, првата дама на САД.
Шејнбаум, прва претседателка на земјата со еврејско потекло, планира да ја продолжи програмата на Лопез Обрадор, вклучително и неговите социјални трошоци и проширување на железничката мрежа, истовремено следејќи ги сопствените приоритети.
Сепак, нејзината прва задача е да се справи со вонредната состојба предизвикана од природните непогоди. Таа денеска треба да го посети Акапулко во јужната држава Гереро, каде што ураганот Џон уби десетици луѓе и остави големи области под вода.
Други значајни прашања со кои се соочува новата администрација се моќните наркокартели во земјата и тензиите поврзани со миграцијата и трговијата со САД, северниот сосед на Мексико.
Поранешна физичарка и научник за клима, Шејнбаум, ја има поддршката на партијата Морена на Лопез Обрадор, која ги контролира двата дома на мексиканскиот конгрес.
Таа претходно беше градоначалничка на Мексико Сити и придонесе за два извештаи за Меѓувладиниот панел за климатски промени, тело на Обединетите нации за проценка на науката за животната средина во врска со климатските промени.