На излегување од зградата на Законодавниот дом, според телевизијата, Гаши чија партија е дел од владејачкото мнозинство не негира дека имал средба со лидерот на најголемата опозициска партија. Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека вечерва во Собранието имал средба само со координаторот на пратеничката група на партијата Никола Мицески, а со Гаши само куртоазно се поздравиле во ходник
Телевизијата Клан Македонија вечерва објави дека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски наводно имале средба во Собранието.

На излегување од зградата на Законодавниот дом, според телевизијата, Гаши чија партија е дел од владејачкото мнозинство не негира дека имал средба со лидерот на најголемата опозициска партија.
„Во Собранието имаме различни средби со сите лидери на политичките партии. Деновиве ќе имам средби со пратеници. Во моментов зборуваме за главната намера да се постигнат уставните измени и за бројката од 80 пратеници. Ова е многу важно за нас. Со оглед на тоа, наша должност е да се сретнеме со сите колеги и да разговараме за тоа како да ја постигнеме оваа цел што е можно поскоро. Се работи за средби поврзани со функционирањето и постигнувањето на двотретинско мнозинство“,
вели Гаши за Клан Македонија.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека вечерва во Собранието имал средба само со координаторот на пратеничката група на партијата Никола Мицески, а со Гаши само куртоазно се поздравиле во ходник во зградата на Собранието.
„Со г. Мицески разговараме за активностите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следи“,
изјави Мицкоски.
На инсистирање на новинарот на Клан Македонија, кој посочува дека Гаши не негирал дека имало средба, Мицкоски со идентичен одговор – дека разговарал само со Мицески.
„Со г. Мицески само за тоа разговаравме за ништо друго…Со г. Гаши само куртоазно се поздравивме во ходникот, инаку состанокот беше со г. Мицески“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши денеска имал средба со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, а во рамките на разговорите што се водат за проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците и распределбата на министерските позиции во Владата.
За исходот од разговорите меѓу Ковачевски и Гаши засега не се откриваат детали. Разговорите за проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците ја доведе Алтернатива во ситуација да одлучува дали ќе остане или не дел од мнозинството.
Како што објави МИА, од владејачката СДСМ потврдиле дека за утре се закажани седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, на која се очекува претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за нејзино евентуално вклучување во владејачката коалиција.
Покрај тоа, како што се наведува тема на дебата на седниците треба да биде и понудата на Ковачевски до лидерот на аклтуелниот коалициски партнер Африм Гаши од денешната средба.
Ковачевски, вчера изјави дека сака да ја задржи Алтернатива во Владата, без да спомене како би изгледала поделбата на ресори меѓу владините партнери.
Инаку, како што информирале за МИА од Алијанса за Албанците, постигнат е договор за нивен влез во владината коалиција. Согласно договореното, партијата во идната Влада ќе има три члена кои ќе раководат со министерствата за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Со Министерството за здравство во моментов раководи министерот Беким Сали, кој доаѓа од редовите на Алтернатива.
Тој денеска изјави дека нема конкретен предлог кои би биле позициите на неговата партија Алтернатива во случај на проширување на владиното мнозинство.
„Сè уште немаме конкретно на маса ниту предлог за нашите позиции во Владата доколку би имало проширување на мнозинството ниту, пак, кои се позициите што Алијанса ги има обезбедено од другите партнери во мнозинството и затоа не можам да коментирам ништо конкретно кои се нашите позиции“,
рече Сали.