Кирков вели дека Зоолошката градина е темна приказна каде што за пократко време умираат повеќе од 40 егзотични животни под нерасчистени околности

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје денеска изврши вонредна посета на Зоолошката градина во Скопје, по неколкуте пцовисувања на животни во изминатиот период. Како што информира советникот Стефан Кирков, за помалку од еден месец пцовисале повеќе животни, што е причина за голема загриженост.
Кирков изјави дека од менаџментот на Зоолошката градина биле побарани одговори, но тие биле игнорирани.
„Немаше никој да нѐ испочитува и да ни каже што конкретно се случува во оваа установа“,
рече Кирков.
Тој потенцира дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ уредно и навремено ги изгласале сите предлози поврзани со Зоолошката градина, вклучувајќи субвенции, развојни и инвестициски програми, како и дел од вработувањата. Сепак, вели тој, гледаме до каде нѐ доведе проблемот со функционирањето на Зоолошката градина.
Кирков вели дека Зоолошката градина е темна приказна каде што за пократко време умираат повеќе од 40 егзотични животни под нерасчистени околности.
Посебно алармантен е фактот што вчера, по пријава од Кирков, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршила вонреден инспекциски надзор. При надзорот биле констатирани низа прекршоци и е изречена финансиска казна за правниот субјект и за директорот. Причината е обид за прикривање на неодамнешното пцовисување на две лами од туберкулоза – заразна болест која е пренослива и на луѓе.
АХВ, додава Кирков, исто така констатирала дека и другите две лами ги имаат симптомите на туберкулоза и наредила итна изолација од посетители и другите животни.