Новата година во Кирибати настапи во 11:00 часот по македонско време, со што официјално започна глобалниот влез во 2026 година

Островската држава Кирибати, поточно островот Киритимати во архипелагот Лајн, прва во светот ја дочека Новата 2026 година, поради својата временска зона UTC+14.
Киритимати, познат и како Божиќен остров, со околу 5 000 жители, претставува прва населена точка на Земјата што влегува во новата календарска година, иако, според локалните власти, не се планирани поголеми јавни настани или прослави.
Новата година во Кирибати настапи во 11:00 часот по македонско време, со што официјално започна глобалниот влез во 2026 година.
Островските држави Самоа и Тонга ја дочекаа Новата 2026 година во 12:00 часот по македонско време, согласно нивната временска зона UTC+13.
Новата година, со организирани огномети и јавни настани, ја дочека и Нов Зеланд, со што Пацификот прв во светот влезе во новата календарска година.
Во Окленд, најголемиот град во земјата и првиот поголем град што ја дочека 2026 година, беа осветлени главните знаменитости, а на кулата „Скај Тауер“ беа проектирани фотографии од посебни моменти испратени од граѓаните во текот на 2025 година.
Одбројувањето започна на мостот „Окленд Харбор Бриџ“, по што следеше огномет од „Скај Тауер“.
Главниот град Велингтон, исто така, организираше огномет и музичка програма во центарот на градот. Новата година во главниот дел од Нов Зеланд настапи во 12:00 часот по македонско време, додека Четемските Острови ја дочекаа Новата година 45 минути порано.
