Администрацијата на претседателот Џо Бајден во изминативе денови настојува преку средби на директорот на ЦИА, Вилијам Брнз, и специјалниот застапник за Блискиот Исток, Брет Макгурк, со високи службеници од регионот да оствари напредок во ослободувањето на заложниците, како и хуманитарна пауза во војната меѓу Израел и Хамас
Преговорите за ослободување на заложниците држени од Хамас во Појасот Газа биле конструктивни и ветувачки, но претстои уште многу работа, изјави денеска претставник на Белата куќа.
„Мислам дека преговорите може да се наречат конструктивни. Сметаме дека постои основа за уште еден договор за заложниците. Тоа може значајно да ја смени ситуацијата во однос на нивното ослободување, добивање на дополнителна помош и намалување на нивото на насилство“,
изјави денеска за Си-ен-ен, Џон Кирби, координатор за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден во изминативе денови настојува преку средби на директорот на ЦИА, Вилијам Брнз, и специјалниот застапник за Блискиот Исток, Брет Макгурк, со високи службеници од регионот да оствари напредок во ослободувањето на заложниците, како и хуманитарна пауза во војната меѓу Израел и Хамас.
Брнз вчера се сретна со раководителот на израелската разузнавачка служба Мосад и премиерот на Катар, како и со шефот на египетското разузнавање. Израел овие преговори ги нарече конструктивни но истакна дека сепак постои значајна неусогласеност меѓу позициите.
Во изјава за Ем-ес-ен-би-си, пак, а во врска со нападот со дронови и убиството на тројца американски војници на американска база во Јордан, за што Бајден вчера рече дека САД ќе одговорат, Кирби истакна дека Вашингтон не сака проширување на конфликтот во регионот.
„Американците се загрижени од нападите на милитанти поддржани од Иран. Ние не сакаме проширена војна во регионот, но ќе го сториме она што мора да го сториме“,
истакна Кирби.
„Исламски отпор“ во Ирак, група од неколку вооружени ирачки милитантни фракции кои ги поддржува Иран, вчера ја презеде одговорноста за нападите на јорданско-сириската граница, каде што вчера во напад со дрон на американска воена база загинаа тројца, а се повредени 34 американски војници.