Во Собранието попладнево на седница на Комисијата за политички систем започна јавната расправа за законот за јавно обвинителство.
Неопходно е јавно да се стават сите аргументи пред граѓаните и да се расчистат перцепциите, кој е за правна држава, а кој е за држава во која се игра според правилата на криминалците, изјави претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски на прес-конференција пред почетокот на расправата.
Тој упати апел до сите учесници во јавната расправа наместо пласирање теснопартиски и политички ставови да се насочат кон плодни и аргументирани дискусии, кои ќе дадат јасна анализа и оцена на предложеното законско решение.
Во контекст на законското решение, рече дека со него се подобрува системот за борба против криминалот и корупцијата, одговорноста на обвинителите, брза и ефикасна истрага и ја гарантира евроатлантската интеграција на државата.
„Секое договарање и амнестирање за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ѝ штети на државата, затоа што со тоа се загрозува евроатлантската перспектива и довербата на граѓаните во правосудниот систем, рече тој и нагласи дека политиката треба да остане надвор од јавното обвинителство и да се остави простор за независно, стручно и објективно постапување. Сето тоа може да се постигне“,
додаде тој.
Кирацовски потенцира дека е време сите политички субјекти да сфатат дека иднината на граѓаните е најважна и да престанат да го штитат криминалот во своите редови. Потсети дека сите досегашни случувања и последните со СЈО оставиле впечаток во јавноста дека криминалците од врвен ранг можат да го најдат патот до слободата.
„Општиот впечаток е дека досега во јавноста одговарале само Амди Бајрам, Соња Николовска од ТАТ и човекот со ќебапите“,
рече Кирацовски.
Предлог-законското решение сè уште не е во собраниска процедура, а според Кирацовски можно е тој уште утре или во следните денови да биде доставен.
Расправата што започна денеска ќе трае два дена, а денеска до 18 часот, по што ќе продолжи утре.