Ексдиректорката во „Фершпед“, која била во стара кумовска врска со семејството на обвинетиот Александар Ѓорчевски, а деловно го познавала првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, била во тек со сите снимки што ги имал нејзиниот син и давала насоки, но и самата дејствувала во водењето на паралелната истрага од онаа на полицијата и преку нејзини контакти се обезбедувале информации
На денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски не се појави еден од клучните сведоци, Гоце Трајковски, кој заедно со обвинетиот татко на девојчето, Александар Ѓорчевски, воделе своја истрага по исчезнувањето на Вања.
Образложението за неговото отсуство беа здравствени причини. Имал паничен напад и висок крвен притисок.
Но, пред судот сведочеше неговата мајка, Кираца Трајковска, поранешна заменик-генерална директорка во „Фершпед“.
Она што можеше да се заклучи од нејзиниот исказ во судницата е дека таа била личноста која, условно кажано, ја водела истрагата на нејзиниот син и го поврзала возилото „ситроен“ со кое според обвинителството била грабната Вања.
Трајковска пред судот кажа дека нејзиното семејство е во стара кумовска врска со семејството на Александар Ѓорчевски. Исто така, одговарајќи на прашања на обвинителката и на судијата, кажа дека роднински е поврзана и со првообвинетиот за убиството на Вања, Љупчо Палевски-Палчо, кој ѝ бил зет за втора братучетка.
По трагот на снимките со помош на интуицијата
Во врска со истрагата, Трајковска кажа дека кога исчезнала Вања, таа била во Белград, во Србија, и за случајот дознала од објавите на Фејсбук. Иако подолг период не била во контакт со семејството на Ѓорчевски, сакала да помогне и, како што кажа, таа ги поврзала нејзиниот син и Александар Ѓорчевски. Тоа го направила затоа што нејзиниот син, како што го опиша, бил помангуп, а Александар поповлечен по карактер.
Рече дека Трајковски одел по улици, пребарувал по напуштени куќи, гледал каде има поставено камери чии снимки може да помогнат во потрагата по девојчето, а во одредени ситуации се претставувал и како инспектор.
Кираца Трајковска била во тек со сите снимки што ги имал нејзиниот син и давала насоки, но и самата дејствувала во водењето на паралелната истрага од онаа на полицијата и преку свои контакти обезбедувала информации.
Како што раскажа таа, нејзиниот син на снимка го видел „ситроенот“ на Панче Жежовски, кој му бил сомнителен.
„Два дена се бараше девојчето на снимки за да се види дали ја има пеш, на третиот ден решија да бараат коли. На една снимка видоа издувни гасови од кола која тргнува во тој момент и бело возило пикап пред тоа возило. Кога ја најдоа сомнителната кола, најдоа информација дека е исчезнат Панче Жежовски. Гоце провери преку пријатели, дозна каква кола има Жежовски, дека е истата боја како на снимките што ги гледавме. Ние се посомневавме во Жежовски. Помисливме дека тој ја зел, му ги проверив сите профили на Фејсбук, сешто помисливме, да му се извинам на семејството на Жежовски“,
рече Трајковска во своето сведочење.
Снимката на која се гледало возилото било од фризерница во близина на зградата каде што живеела Вања.
На прашањата на обвинителката и на нејзината помошничка, таа рече дека на оваа снимка не можеле да се видат регистарските таблички на „ситроенот“, а на дополнително прашање, како тогаш го поврзала со Велес и Жежовски, Трајковска рече:
„Интуиција. И интуицијата покажа дека сум била во право.“
Таа го поврзала нејзиниот син со роднини во Велес бидејќи, како што кажа, по мајка била велешанка, и дошле до повеќе информации дека Жежовски е исчезнат, а и дека неговото возило го нема. Дошле и до други снимки, од кои едната била од бензинска пумпа на која овој пат се гледале регистарските таблички, како и Панче Жежовски и уште едно лице.
„Го поврзав син ми Гоце со роднина од Велес, за заедно да соработуваат и да продолжат да истражуваат. Најдоа снимка од Велес, од бензинска пумпа, каде што се гледа Панче како го вози ‘ситроенот’ и уште еден со него. Регистрацијата се гледаше“,
рече Трајковска.
На прашања на бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегџиќ, таа кажа дека за цело време добивала информации само од син ѝ, а со Александар не била во комуникација.
Од Гоце добивала само скриншотови, замрзнати кадри од видеоснимките и една видеоснимка.
Што ја праша Палевски и што одговори Кираца Трајковска
Сведокот Трајковска одговараше и на прашања на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.
На неговото прашање дали Гоце, нејзиниот син, ѝ споменал дека Палевски бил очув на Вања, таа одговори негативно.
Идентичен беше и нејзиниот одговор на прашање на Палевски дали ѝ е познато дека за време на претресот во станот на Иванка (мајката на Александар Ѓорчевски со која живееле кога исчезнала Вања), Гоце на полицајците им рекол дека Александар бил основач на партијата Десна.
„Дали, според вас, јас би можел да ја убијам Вања“, беше следното прашање на Палевски, на што сведокот Кираца Трајковска одговори:
„Не. Причината да е и за пари, не“
Инаку, претходно за Палевски кажа дека се познавале и комуницирале деловно.
На денешното рочиште, покрај Трајковска, имаше уште четворица сведоци, таткото и мајката на Александар Ѓорчевски, неговата сестра Оли Нешковиќ и нејзиниот син, Иво Нешковиќ.
Родителите на Ѓорчевски, Зоран и Иванка Ѓорчевски, и неговата сестра во своите сведочења, меѓу другото, открија и дека Александар во младоста имал проблеми со зависност од дрога, но успешно се излечил пред да се ожени.
Трајковска сведочеше дека утрото била во станот кога мајката на Вања му се јавила на Александар и му кажала дека ја нема Вања. Таа рече дека Александар во тој момент го ставил телефонот на спикерфон.
„Бргу се облече и излезе. Потоа се јави и кажа дека биле во полициска станица и пријавиле“,
рече таа.
Како одминувало времето, Иванка Ѓорчевска кажа дека почнале да им се вртат мисли дека Вања можеби е грабната за проституција или трговија со органи.
Внукот на Александар, пак, во своето сведочење за деновите по исчезнувањето на Вања му пишл на Илон Маск на неговата социјална мрежа Икс, за да го смири вујко си кој, како што кажа, бил избезумен
Toa, како што рече, го направил на барање на Александар, но знаел дека нема да има никаков ефект.
Пред него сведочеше и неговата мајка, сестра на Александар, Оли Нешковиќ, која исто така го спомена моментот со Илон Маск.
„Се јавувавме секаде, баравме снимки сите и секаде. Не на Илон Маск, да имавме број и на Бајден ќе му се јавевме”,
рече сестрата на Александар.
Таа откри и дека кога се случило грабнувањето во полиција била прашана дали нејзината снаа, Зорица Ѓорчевска, била во врска со Љупчо Палевски. Таа ова го кажа одговарајќи на вкрстено прашање од самиот Палевски.
Нешковиќ беше прашана и за сопственоста на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“. На прашањето на обвинителката таа изреагира нервозно и на висок тон, поради што беше предупредена од судијата да не биде арогантна и да одговори на прашањето.
„Брат ми е сопственик на станот“,
рече таа.
На дополнително прашање, кога станал сопственик, Нешковиќ кажа:
„Пред разводот (со Зорица Ѓорчевска)“.
Инаку, сите денешни сведоци беа прашани за улогата на Гоце Трајковски во случајот.
На првото одржано рочиште во случајот за грабнувањето и убиството на Вања и Панче, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Судењето продолжува следната недела на 20 ноември.
Поврзани вести:
- Таткото на Вања од почетокот велеше дека таа е киднапирана, сведочеше мајката на девојчето
- Таткото на Вања бил импулсивен, но грижлив – стан не е мотив некој да си го жртвува сопственото дете, вели неговиот адвокат
- Однесувањето на таткото на Вања беше чудно, беше конфузен во изјавите, Кешишов нè одведе до телото на девојчето, сведочи експолициски началник
- Таткото на Вања како да ги предвидуваше работите, во групата со родители на „Вибер“ по грешка пишал „Кажете само колку пари треба“, сведочи началник
- Таткото на Вања бараше да му пишеме на Илон Маск за да ја најде со сателит, сведочеше прва братучетка на мајката на девојчето
- Палевски имал финансиски проблеми и за три години позајмил 21 000 евра – сведочеше адвокатот кој го возел во Белград