Во приоритетите на Кипарското претседателство се наведува и дека тоа е цврсто посветено на унапредување на агендата за проширување на кредибилен начин, преку испорака на опипливи резултати и врз основа на процес базиран на заслуги
Проширувањето со Украина, Молдавија, нашите партнери од Западниот Балкан и Турција, врз основа на воспоставената строга и фер условеност, претставува заокружување на визијата за обединување на Европа и ќе го прошири просторот на мир, демократија, безбедност и стабилност, се наведува во приоритетите на претседавањето на Кипар со Советот на ЕУ, што ќе трае од 1 јануари до 30 јуни 2026 година.

„Проширувањето се покажа како една од најтрансформативните алатки на ЕУ, вклучително и во рамките на земјите кандидатки, одразувајќи ја нивната подготвеност за реформи и решавање на долгогодишни проблеми со своите соседи врз основа на европското право, вредности и принципи. Проширувањето во суштина претставува стратешка инвестиција во иднината на Европа“,
се додава во документот.
Во приоритетите на Кипарското претседателство се наведува и дека тоа е цврсто посветено на унапредување на агендата за проширување на кредибилен начин, преку испорака на опипливи резултати и врз основа на процес базиран на заслуги.
Кипарското претседателство, чие мото е „Автономна Унија. Отворена кон светот“, посочува дека Европската Унија мора да биде автономна, бидејќи една поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешните партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно.
„Европската автономија е слоевита и повеќеслојна: од безбедноста и одбраната, преку енергијата и трговијата, до конкурентноста со зелената транзиција и дигиталните иновации со социјалната кохезија. Ова е моментот за Европа да ја дефинира и преобликува својата иднина преку траекторија на асертивна автономија. Ова е она што се очекува од глобален лидер и стабилен предвидлив партнер, кој цврсто го поддржува мултилатерализмот и целосно е посветен на Повелбата на ОН, меѓународното право, вклучително и меѓународното право на морето. Ова се водечките принципи за градење сила преку робусни партнерства од принципиелна почетна точка“,
се наведува во приоритетите на Кипарското претседателство.
Во документот, приоритетите на кои ќе работи Кипар со „амбициозен пристап ориентиран кон резултати“, се групирани во пет целини: Автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност; Автономија преку конкурентност; Отвореност кон светот, автономност; Автономна Унија на вредности што никого не остава на страна; и Долгорочен буџет за автономна Унија.
