Кинеската државна телевизија ЦЦТВ јави дека Си пристигнал во Белград со специјален авион со цел да престојува во државна посета на Србија. Тој на аеродромот „Никола Тесла“ беше пречекан од Вучиќ и високи државни функционери, пренесоа српските медиуми
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг вечерва пристигна во Србија, јавија кинеските државни медиуми.
Си, кој претходно беше во дводневна посета на Франција, пристигна во Белград со 400-члена делегација на покана на српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого ќе разговара за подобрување на билатералните односи и соработка.

Кинеската државна телевизија ЦЦТВ јави дека Си пристигнал во Белград со специјален авион со цел да престојува во државна посета на Србија. Тој на аеродромот „Никола Тесла“ беше пречекан од Вучиќ и високи државни функционери, пренесоа српските медиуми.
Членовите на кинеската делегација – министри и претставници на институциите попладнето на белградскиот аеродром ги пречекаа министрите за финансии и за внатрешна и надворешна трговија Синиша Мали и Томислав Момировиќ.
Пред палатата „Србија“ во Нов Белград утре ќе има свечен прием на претседателот на Кина, по што ќе следи средба со Вучиќ, пленарна средба на делегациите и потпишување на заедничка изјава и размена на потпишани билатерални документи.
За време на посетата кинескиот претседател ќе биде придружуван од сопругата Пенг Лијуан, како и од член на Главниот комитет на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, директорот на Генералната канцеларија на Централниот комитет и од член на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија и министерот за надворешни работи.
Владата на Србија на денешната седница усвои повеќе документи – меморандуми за разбирање за соработка и протоколи меѓу Србија и Кина во областа на инфраструктурата, земјоделството, информациите и телекомуникациите и туризмот, јави Бета.
Ова е прва посета на претседателот Си на европскиот континент во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата на ковид-19.
По Србија, кинескиот претседател ќе замине во Унгарија.
