Според Си-ен-би-си (CNBC), американската морнарица преку електронска пошта испратила известување до својот персонал во која предупредува да не ја користат апликацијата „Дипсик“ поради „потенцијална безбедносна и етичка загриженост поврзана со потеклото и употребата на моделот“
Американските власти ги разгледуваат импликациите што врз националната безбедност на САД би можел да ги има пробивот на четботот на кинеската компанија „Дипсик“ (DeepSeek), вели прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, пренесува Би-би-си.

Нејзиното соопштение доаѓа по извештаите дека американската морнарица има забранила на своите припадници да ја користат апликацијата на „Дипсик“ поради „потенцијална безбедносна и етичка загриженост“.
Во меѓувреме, производителот на „Чет ГПТ“ (Chat GPT), американската компанија „Опен АИ“ (Open AI), која се смета за водечка во технологијата за вештачка интелигенција, најави дека тесно ќе соработува со американската влада за да ги спречи ривалите од преземање на нејзината технологија.
Бранувањата што неделава ги предизвика лансирањето на, наводно евтиниот, но моќен четбот на кинеската мала компанија „Дипсик“ за развој на вештачка интелигенција, предизвика пад на акциите на едни од најголемите американски компании за висока технологија бидејќи инвеститорите се посомневаа како се трошат нивните пари, броени во милијарди долари, на новата инфраструктура за вештачка интелигенција.
„Зборував со Советот за национална безбедност ова утро и тие разгледуваат какви може да бидат импликациите по националната безбедност“,
рекла Левит.
Таа ги повторила пораките што еден ден претходно ги упати американскиот претседател Доналд Трамп дека појавата на „Дипсик“ е повик за будење за американските технолошки компании во глобалната трка за доминација во областа на вештачката интелигенција.
Според Си-ен-би-си (CNBC), американската морнарица преку електронска пошта испратила известување до својот персонал во која предупредува да не ја користат апликацијата „Дипсик“ поради „потенцијална безбедносна и етичка загриженост поврзана со потеклото и употребата на моделот“.
Од морнарицата на САД засега нема одговор на барањето на Би-би-си њуз за коментар на ваквите наводи.
Во меѓувреме, водителот на поткаст и поранешен главен оперативен директор на „Пејпал“ (PayPal), Дејвид Сакс, кого Трамп го назначи за советник за вештачка интелигенција и криптовалути, за Фокс њуз изјави оти е можно „Дипсик“ за својот четбот да ги користел моделите развиени од американската компанија „Опен АИ“ за да ги подобри перформансите.
Овој процес, кој вклучува учење на еден модел на вештачка интелигенција од друг, се нарекува дестилација на знаење.
„Постојат значителни докази дека она што го направи ‘Дипсик’ овде е дестилирање на знаењето од моделите на ‘Опен АИ’. Мислам дека една од работите што ќе ги видите во текот на следните неколку месеци е што нашите водечки компании за вештачка интелигенција ќе преземаат чекори за да се обидат да ја спречат дестилацијата… Тоа дефинитивно ќе забави некои од овие ископирани модели“,
вели Сакс.

Истото, во изјава дадена подоцна, го кажаа и од компанијата „Опен АИ“ , од каде што велат дека кинески и други компании постојано се обидуваат да ги дестилираат моделите на водечките американски компании за вештачка интелигенција.
„Како водечки производител на вештачка интелигенција, ние се ангажираме за контрамерки за заштита на нашата интелектуална сопственост… и веруваме дека додека одиме напред од критична важност е тесно да соработуваме со американската влада за најдобро да ги заштитиме најспособните модели“,
велат од „Опен АИ“.
Во меѓувреме, од „Дипсик“ соопштија дека се цел на многубројни кибернапади. Во понеделникот кинеската компанија соопшти дека привремено ќе ги ограничи регистрациите поради „големи малициозни напади“ на нејзиниот софтвер.
„Јујуан Тантиан“, канал за социјални медиуми кој е под кинеската државна телевизија Си-си-ти-ви (CCTV), тврди дека фирмата се соочила со неколку кибернапади во последните недели, кои се зголемиле по интензитет.
„Дипсик“ исплива во светот на високата технологија и предизвика тектонски потрес минатата недела, откако аналитичари и експерти за вештачка интелигенција го пофалија најновиот модел со вештачка интелигенција, по што луѓе почнаа да го преземаат неговиот четбот во продавниците за апликации, станувајќи најсимнувана апликација на „Апстор“ (App Store) во САД надминувајќи ја апликацијата „Чет ГПТ“ (ChatGPT).
Но, американската индустрија за вештачка интелигенција беше потресена особено поради преовладувачкото мислење дека САД се далеку понапред во трката. Се веруваше дека голем број трговски ограничувања кои го забрануваат пристапот на Кина до чипови од високата класа придонеле за зацврстување на оваа позиција.
Иако Кина ги зголеми инвестициите во напредна технологија за да ја диверзифицира својата економија, „Дипсик“не е една од големите кинески фирми кои развиваат модели на вештачка интелигенција за да му конкурираат на „Чет ГПТ“.
Експертите велат дека САД сè уште имаат предност бидејќи се седиште на некои од најголемите компании за чипови и дека сè уште не е јасно како точно „Дипсик“ го направил својот четбот и колку далеку може да оди.
Додека „Дипсик“ ги потресе пазарите оваа недела, претседателот на САД Доналд Трамп го опиша како повик за будење за американската технолошка индустрија, истовремено сугерирајќи дека на крајот тоа може да се покаже како „позитивен“ знак.
„Доколку можете да го направите тоа поевтино, ако можете да го направите тоа за помалку и да дојдете до истиот краен резултат. Мислам дека тоа е добра работа за нас“,
изјави Трамп пред новинарите во претседателскиот авион.
Тој, исто така, рече дека не е загрижен за пробивот на „Дипсик“ додавајќи дека САД ќе останат доминантен играч на теренот.
