Кинески имунолошки брзи тестови за проверка на антитела од ковид-19 се продавале како да се произведени во Холандија. Овие тестови се користеле во повеќе земји во светот меѓу кои Русија, Франција, Индонезија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Ватикан и Македонија.
Ова го открива истражувањето на македонската истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и нивниот меѓународен партнер ОЦЦРП во текстот насловен „Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ“.
Според истражувањето, таканаречените брзи тестови за проверка на антитела на ковид-19 преку примерок од крв, се произведувале во фабриката Биотек во кинескиот град Хангзоу, а низ Европа и низ светот се продавале како холандски тестови со име Биозек. Поради дупки во европската легислатива, овие тестови се препакувале во холандска амбалажа и добиле статус на европски производ.
„Брзиот имунолошки тест којшто во Македонија се нудеше во болницата ’Систина‘, не е од холандски производител како што се тврдеше, а се откри дека и лажно се декларира како попрецизен одошто е. Тестот за кој се тврдеше дека е 92,9 проценти прецизен, според експертите е обично ’ѓубре‘. Тестот е кинески и не е прецизен, препакуван е во Холандија и нуден како европски“,
се вели во истражувањето.
ИРЛ и ОЦЦРП откриле најмалку три брендови кои продавале тестови од кинески производител со европски и американски етикети.
„Тестовите се продадени на властите, здравствените институции и клиниките во земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Индонезија и Русија. Да се купат и да се овозможат тестови како ова е легално. Меѓутоа, залажување на граѓаните за нивното вистинско потекло и за перформансите на тестот, сепак не е“,
се вели во истражувањето.
Со ваков тест бил тестиран и кумановецот Роџер Зекировски, чиј резултат се покажа негативен на ковид-19, а тој по неколку дена почина од оваа болест.
Марин де Јонге, научник вклучен во истражувањето на ковид-19 во Медицинскиот центар на универзитетот Радбуд во Холандија, за ИРЛ и ОЦЦРП вели дека лажните негативни тестови можат да бидат многу опасни.
„Кога сакате да утврдите дали некој е заразен, лажниот позитивен резултат не е голем проблем, затоа што единствената последица е тоа што некој се затвора во изолација за ништо. Но, лажната негатива е катастрофа, затоа што ако некому му дадете слободно да шета, може да ги загрози другите во заедницата“,
вели Де Јонге.
ИРЛ и претходно објавуваше текстови поврзани со брзите имунолошки тестови кои се користат во „Систина“, во насока дека тие може да покажат дали болните го прележале вирусот, но не и да се детектира присуство на вирусот.
Тогаш од болницата најавија дека ќе поднесат кривични пријави за загрозување на јавното здравје преку невистинитите информации кои се пласираат во јавноста и ширење паника преку изнесување лажни вести.
Од „Аџибадем Систина“ тогаш рекоа дека овие тестови се набавени од холандска компанија со која имаат ексклузивен договор за соработка, а истата е дистрибутер на овој бренд на тестови кои ги произведува друга компанија, исто така од Холандија.
