Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека открило 42 кинески авиони и осум бродови вклучени во вежби околу островот и дека распоредило бродови и авиони како одговор
Кинеската војска денеска започна воени вежби во близина на Тајван, велејќи дека тоа е „сериозно предупредување“ до сепаратистичките сили поради посетата на потпретседателот Вилијам Лаи на САД.
Лаи, кој е фаворит да биде избран за претседател на изборите во јануари, вчера се врати од САД каде што одржал говори, а попатно имал застанувања во Парагвај, пренесува Ројтерс.
Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија, на што тајванската влада се противи.
Источната команда на кинеската војска во кусо соопштение вели дека спроведува заеднички патроли на поморска и воздушна борбена готовност околу островот.
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека открило 42 кинески авиони и осум бродови вклучени во вежби околу островот и дека распоредило бродови и авиони како одговор.
„Кинески авиони ја преминаа средната линија на Тајванскиот теснец широк 100 километри, односно навлегоа во области на секој крај од линијата“,
се вели во соопштението на Министерството.
Со децении средната линија на Тајванскиот теснец служеше како неофицијална бариера меѓу двете војски.
Источната команда на кинеската војска соопшти дека одржува заеднички вежби и обука на поморските и на воздушните сили, фокусирајќи се на координацијата брод-авион, преземање контрола и вежби против подморници на север и на југозапад од Тајван, за да ги тестира „вистинските борбени способности“ на силите.
„Ова е сериозно предупредување против тајванските сепаратистички сили кои се залагаат за независност во дослух со странски сили за да провоцираат“,
соопшти Источната команда.
Тајванското Министерство за одбрана остро ги осуди воените вежби на Кина, велејќи дека ќе испрати соодветни сили да одговорат и дека има способност, решителност и доверба да обезбеди национална безбедност.
„Иницирањето на воена вежба овој пат не само што не помага за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, туку го нагласува милитаристичкиот менталитет“,
се вели во соопштението на Министерството.
Во април, Кина организираше воени вежби во близина на Тајван, откако лидерката Цаи Инг-вен се врати од Калифорнија, каде што се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, на враќање од Централна Америка.