Кинеските власти ќе воведат царини од 15 отсто за јаглен и течен природен гас и 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и некои автомобили
Министерството за трговија на Кина објави дека воведува царини за увозот на јаглен, течен природен гас, сурова нафта, земјоделски машини и некои автомобили од Соединетите Американски Држави (САД).
Потегот е одговор на одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 10 отсто за увоз на стоки од кинеско производство.
Според официјалното соопштение од кинеските власти, ќе се воведат царини од 15 отсто за јаглен и течен природен гас и 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и автомобили со голем обем.
„Едностраното зголемување на царините на САД сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација. Не само што не помага во решавањето на сопствените проблеми туку и штети на нормалната економска и трговската соработка меѓу Кина и САД“,
се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија.
Покрај царините, кинеската државна управа за регулирање на пазарот објави дека отпочнува истрага и против американскиот технолошки гигант „Гугл“ поради сомнеж за прекршување на антимонополските закони.