Портпаролот на Амбасадата на Кина во САД вели дека потеклото на ковид сè уште е предмет на дискусија и истражување и дека не треба да се политизира
Инсистирањето на теоријата дека коронавирусот „протекол од лабораторија“ не се разликува од лагите за оружјето за масовно уништување во Ирак, објави кинеската амбасада во САД, коментирајќи ги пишувањата на американските весници.
Кинеската амбасада ги осуди, како што ги нарече, последните обиди на САД да ја обвини Кина за пандемијата со ковид-19, посочувајќи дека слична работа се случила и кога администрацијата на поранешниот претседател Џорџ В. Буш промовираше „лажни тврдења за оружје за масовно уништување во Ирак, за што беше посочен како одговорен Садам Хусеин.
Портпаролот на Амбасадата Лиу Пенгиу вели дека потеклото на ковид сè уште е предмет на дискусија и истражување и дека не треба да се политизира.
„Кампањата за политизација на потеклото на вирусот и клеветата за Кина не се разликува од лагата од пред 12 години дека Ирак поседува оружје за масовно уништување“,
рече тој, пренесува „Раша тудеј“.
Реакцијата а кинеската амбасада е на теоријата дека вирусот протекол од лабораторија, односно дека патогенот што предизвикува ковид-19 не е со природно потекло, туку е производ на продуктивни експерименти во лабораторијата за вируси во Вухан, Кина, која беше епицентар на пандемијата.
Застапниците на оваа теорија веруваат дека вирусот успеал да „избега“ од лабораторијата, што доведе до разорна пандемија.
Оваа хипотеза за потеклото на САРС Ков 2 ја фаворизираа поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација. Американскиот печат, кој беше критички кон Трамп, во тоа време го третираше како теорија на заговор и дезинформација.
Сепак, пресвртот доаѓа откако администрацијата на Џозеф Бајден посериозно ги сфати овие тврдења и им нареди на разузнавачките служби на крајот на мај да направат извештај за ова прашање.
Оттогаш, западните медиуми постојано објавуваат текстови за поддршка на таа теорија.
Минатата недела, „Волстрит журнал“ објави статија во која се тврди дека геномот на вирусот САРС КоВ 2 носи јасни маркери на фузија – што значи дека е произведен во лабораторија.
Потеклото на ковид-19 го истражуваше Светската здравствена организација (СЗО), која рече дека теоријата на протекување од лабораторијата не е поддржана со докази и дека природната еволуција е поверојатна.
Застапниците на оваа теорија сметаат дека Кина ја попречувала истрагата и извршила притисок врз истражителите на СЗО да направат извештај во кој Пекинг ги ослободува од обвинение.
Тезата за протекување на вирусот САРС-Ков2 од лабораторија не е нова.
Францускиот вирусолог, добитник на Нобеловата награда за физиологија и медицина во 2008 година за изолирањето на вирусот на ХИВ, Лук Монтањие, уште во април лани изави дека ковид-19 нема природно потекло и дека е создаден во лабораторија, а некои американски весници вчера го поврзаа потеклото на ковид-19 со работата на лабораторијата П4 во Вухан, епицентарот на пандемијата.