Националната здравствена комисија соопшти дека во последните 24 часа се регистрирани 3 507 нови случаи на локално пренесена инфекција со ковид-19, наспроти 1 337 претходниот ден
Бројот на новозаразени со ковид-19 во Кина денеска е повеќе од двојно зголемен во споредба со претходниот ден, соопштија здравствените власти во време кога земјата се соочува со најголем раст на нови случаи од почетокот на пандемијата.
Националната здравствена комисија соопшти дека во последните 24 часа се регистрирани 3 507 нови случаи на локално пренесена инфекција со ковид-19, наспроти 1 337 претходниот ден.
Видот на вирусот кој брзо се шири, познат како стелт омикрон, ја доведува во прашање кинеската стратегија за нулта толеранција со која земјата успеа да ја контролира инфекцијата по првиот бран во Вухан, на почетокот на 2020 година.
Иако бројот на новозаразени лица е мал во споредба со другите земји во светот, повеќе од 10 000 случаи регистрирани во првите две недели од март се многу повеќе отколку за време на претходните бранови во Кина.
Не се пријавени нови смртни случаи на коронавирус.
Најголем број случаи се регистрирани во североисточната провинција Џилин, 2 601, додека десетина провинции и поголеми градови, вклучувајќи ги Пекинг, Шангај и Шенжен, се помали жаришта.
Властите на Џилин им забранија на жителите да ја напуштат провинцијата, како и да патуваат во градовите во покраината.
Девет милиони жители на Чангчун, главниот град на провинцијата и центар на економијата, се во карантин од петокот бидејќи властите продолжуваат со масовното тестирање.
Повеќе од 1 000 здравствени работници дојдоа од други провинции со опрема за борба против пандемијата, а покраината мобилизира 7 000 воени резервисти да помогнат.
Провинцијата Шандонг имаше, по Џилин, најмногу случаи, со 106 нови случаи регистрирани претходниот ден.
Провинцијата Гуангдонг на југоисток, каде што градот Шенжен е под карантин од неделата, пријави 48 нови случаи на инфекција.
Шангај забележа девет нови случаи, а Пекинг шест.