Голем број луѓе во Кина завршуваат во притвор бидејќи одбиваат да бидат во карантин или намерно кријат дека патувале во области погодени со коронавирус.
Во северозападната покраина Џингхај полицијата соопшти дека еден работник, инаку мигрант, е под истрага поради сомнеж дека ја загрозил јавната безбедност со тоа што намерно прикривал дека патувал во Вухан, пренесуваат кинеските медиуми.
Според полицијата, тој ги прикривал симптомите на вирусот – грозница и кашлање, доаѓал во контакт со соседите, а премолчил и дека со него во Вухан бил и неговиот син.
Потврдено е дека двајцата имаат коронавирус и се наоѓаат во карантин.
Во текот на минатата недела забележани се слични случаи и во други кинески покраини.
Над 490 починати и околу 25 000 заразени
Од крајот на декември досега од коронавирусот починале 492 лица, додека повеќе од 24 500 се заразени, соопштија денеска здравствените власти.
Болеста се прошири во повеќе од 25 држави ширум светот, а најмногу случаи има регистрирано во Кина, пред сè, во провинцијата Хубеј, во која и вирусот се појави, објави Си-ен-ен.
Последните случаи на вирусот се откриени на крузер што пристигнал од Јапонија. Од 3 700 патници, кај 10 е откриена заразата, поради што сите патници и членови на екипажот на бродот се задржани во карантин, каде што ќе останат најмалку две недели.
Најмногу заразени, но и смртни случаи се забележени во Вухан, градот во кој досега починаа 362 лица, а заразени се 8.351.
Многу земји организираа евакуација на своите граѓани од Кина, а Велика Британија на сите свои граѓани им нареди да ја напуштат оваа земја не прецизирајќи на кој начин да го изведат тоа, ниту понуди конкретна помош, наведува Си-ен-ен.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека утре ќе испрати уште два авиона за евакуација на свои државјани, додавајќи дека потоа нема план за испраќање дополнителни авиони за евакуација.
Епидемијата на коронавирусот изби кон крајот на декември минатата година, а претпоставка е дека вирусот се појавил кај животни, пред сè, кај лилјаци.