Санкциите и притисоците нема да помогнат во решавањето на ситуацијата, а промовирањето на блокадата води само до стариот пат на Студената војна, рече портпаролот на кинеското МНР, откако вчера министрите за финансии од Групата седум ја повторија својата подготвеност да воведат санкции кон Москва со „широки и непосредни последици“ за руската економија во случај на инвазија на Украина
Едностраните санкции против Русија само ќе ги зголемат раздорот и конфликтот околу Украина, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин, коментирајќи ја заедничката изјава на Групата седум за подготвеноста за воведување санкции кон Москва.
„Во сегашната ситуација, едностраните санкции можат само да ги зголемат поделбите и застојот. Кина ги повикува сите страни да дејствуваат рационално, да ја решат кризата во Украина преку дијалог и преговори“,
рече тој, додавајќи дека драматизацијата на ситуацијата и шпекулациите за војна се неодговорно однесување.
Санкциите и притисоците, додаде тој, нема да помогнат во решавањето на ситуацијата, а промовирањето на блокадата води само до стариот пат на Студената војна, пренесува ТАСС.
Вчера министрите за финансии на Групата седум ја повторија својата подготвеност да воведат санкции кон Москва со „широки и непосредни последици“ за руската економија во случај на инвазија на Украина, велејќи оти „секоја натамошна агресија на руската армија против Украина ќе наиде на брз и координиран одговор“.