„Господинот потпретседател (на Собранието н.з.) често се фали дека е избран претставник, тврдејќи дека ја претставува волјата на македонскиот народ. Тогаш, Ве молам внимателно слушајте го гласот на народот. Дали грубото кршење на политичките ветувања и договорните обврски е во корист во заштита на меѓународниот имиџ на Северна Македонија? Дали последиците од отвореното поткопување на основните интереси, територијалниот интегритет и националното достоинство на голема сила – додека се повредуваат чувствата на над 1,4 милијарда на пријателски кинески народ – се темелно проценети?“, наведуваат од кинеската амбасада во земјава во отвореното писмо до Милошоски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ во три поенти го сумира својот коментар на писмото од кинеската амбасада, наведувајќи дека официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина, дека средбата со тајванската делегација била од куртоазен карактер, без никаков дипломатски предзнак, а во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија, како и дека различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, повторно се најде во фокусот на Амбасадата на Народна Република Кина во земјава, која преку отворено писмо упати остри критики до него.

Поводот овој пат е средбата што потпретседателот на Собранието, заедно со уште двајца негови колеги – пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Бетиќи и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, во средата ја имаа со делегација на Тајван предводена од шефот на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим – Италија, Винсент Цаи.
Средбата помина под радарот на јавноста, а на неа во кратка објава на својот фесјбук-профил се осврна Битиќи, кој напиша дека на неа било разговарано за можностите за унапредување на парламентарната и економска соработка меѓу двете земји, со акцент на размена на искуства и поттикнување заеднички инвестиции.
„Истовремено беше изразена поддршка за донацијата која делегацијата на Тајван ѝ ја додели на Универзитетската клиника за детски болести“,
додава пратеникот на СДСМ во објавата.
Реакцијата на кинеската амбасада објавена на нејзината официјална интернет-страница е упатена директно кон потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, и според својата содржина е со остар наратив.
Инаку, зошто велиме дека Милошоски повторно е во фокусот на дипломатското претставништво на НР Кина во државата? За потсетување, тој, но и пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, лани во јули беа меѓу претставниците на неколку земји, до кои Амбасадата на Кина испрати пораки во обид да ги одврати од учество на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), која се одржа во Тајпеј, Тајван.
Двајцата пратеници, сепак, беа дел од самитот.
Ако тогаш стануваше збор за преписка затворена за јавност, овој пат реакцијата на амбасадорката на Кина во земјава, Џианг Сиаојан, е јавна и со остар тон кон Милошоски.
Кина: Средбата е тежок погрешен чин
Средбата од кинеската амбасада ја оценуваат како „тежок погрешен чин“ што го крши принципот „една Кина“ и ја поткопува политичката основа на билатералните основи меѓу двете земји.
„Забележавме дека потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, заедно со двајца пратеници вчера се состана со делегација на таканареченото ‘Претставништво на Тајпеј во Италија’ во зградата на Собранието. Овој тежок погрешен чин го крши принципот ‘една Кина’, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата на Северна Македонија, Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи“,
се вели во реакцијата на кинеската амбасада.
Исто така, додаваат оттаму, со средбата со претставници на Тајпеј се испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“.
„Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење. Тајван е дел од Кина. Тоа е историја и реалност“,
се посочува во отвореното писмо.
Обраќајќи се директно до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, од Амбасадата упатуваат неколку прашања до него во кои бараат како потпретседател на Собранието внимателно да го слушне гласот на народот.
„Господинот потпретседател често се фали дека е избран претставник, тврдејќи дека ја претставува волјата на македонскиот народ. Тогаш Ве молам внимателно слушајте го гласот на народот. Дали грубото кршење на политичките ветувања и договорните обврски е во корист во заштита на меѓународниот имиџ на Северна Македонија? Дали последиците од отвореното поткопување на основните интереси, територијалниот интегритет и националното достоинство на голема сила – додека се повредуваат чувствата на над 1,4 милијарди на пријателски кинески народ – се темелно проценети? Дали напуштањето на огромен пазар, идните можности за развој и ветувачките перспективи за соработка - овој кратковид чин на ‘штеди на ситно, губи на крупно’ – е навистина во согласност со фундаменталните и долгорочни интереси на македонскиот народ?“,
се наведува во писмото.

Од кинеската амбасада се децидни дека прашањето за Тајван е јадрото на фундаменталните интереси на Кина и претставува црвена линија што не може да се премине. Потсетуваат и дека неодамна националното законодавно собрание на Кина гласаше за прогласување на 25 октомври за Ден на комеморација на ослободувањето на Тајван.
„Тајван конечно ќе се врати во прегратката на татковината, а двете страни од Тајванскиот Теснец сигурно ќе постигнат повторно обединување. Никој, ниедна сила, не треба да ја потценува решителноста, цврстата волја и силната способност на кинескиот народ да го заштити сопствениот национален суверенитет и територијален интегритет“,
велат од амбасадата на Кина до потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.
Во дел од писмото, од кинеската амбасада, како аргументација на своите позиции се осврнуваат на историјатот и документите во меѓународните организации, како Обединетите нации, кои според Пекинг, недвосмислено потврдуваат Тајван е дел од Кина. Потсетуваат и дека Македонија се обврзала да го почитува овој принцип, со воспоставувањето дипломатски односи со Кина во 1993 година.
„Единствената референца за регионот Тајван во ОН е ‘Тајван, провинција на Кина’. Тајван никогаш не бил држава, ниту во минатото ниту во никој случај ќе биде во иднина. Во 1993 година беше потпишано Заедничко коминике за воспоставување дипломатски односи меѓу Народна Република Кина и Република Македонија. Во него експлицитно е наведено дека ‘Владата на Република Македонија ја признава Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на Кина, а Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија. Владата на Република Македонија потврдува дека нема да воспостави никаква форма на официјални односи со Тајван’. Во 2001 година горенаведените обврски беа свечено потврдени во Заедничкото коминике меѓу Народна Република Кина и Република Македонија за нормализација на односите“,
се наведува во реакцијата на кинеската Амбасада, во која се додава дека билатералните и меѓународните политички обврски мора „искрено и во целост да се почитуваат“.
Остра реторика кон Милошоски
Оттука, посочуваат од Амбасадата, потпретседателот на македонското Собрание, Антонијо Милошоски, кој долго време беше министер за надворешни работи и претседаваше со Комисијата за надворешна политика на законодавниот дом, требало да биде „апсолутно свесен за исклучителната важност и чувствителност на прашањето за Тајван, целосно почитувајќи го суверенитетот на која било друга држава и почитувајќи го меѓународното право“.
„Сепак, она што неодамна го видовме е несфатливо - инсистираната посета на Тајван во официјален капацитет, игнорирајќи ги постојаните силни приговори на Кина минатата година, и овој пат средбата со таканаречените претставници на тајванските власти во зградата на Собранието, национално законодавно тело – обезбедува платформа за политичка театралност на сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Имаме доволно причини да се запрашаме во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи нашите билатерални односи?“,
подвлекуваат од Амбасадата на Народна Република Кина.
Средбата беше од куртоазна природа, вели Милошоски
Во врска со отвореното писмо на кинеската Амбасада, „360 степени“ побара коментар од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски.
Во писмениот одговор што го добивме тој во три поенти се осврна на реакцијата на Амбасадата на НР Кина во Македонија.
Во првата, тој вели дека официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Во тој контекст, Милошоски изразува уверување дека заедничките проекти и соработката во сите области меѓу двете земји ќе продолжат со несмален интензитет и од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист.
Во однос на средбата со делегацијата на Тајван, тој вели дека избраните претставници на македонското Собрание имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, водејќи се од духот на отворена размена на мислења за релевантни меѓународни теми.
Вели дека станува збор за љубезна куртоазна средба со претставниците од Канцеларијата на официјален Тајпеј во Рим без никаков дипломатски предзнак и без никаква намера да се редефинираат односите или официјалната политика на Македонија кон НР Кина.
„Напротив, средбата беше во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија и како можност за мирољубив и информативен дијалог. На средбата учество зедоа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи и мојата маленкост, Антонијо Милошоски.
И на крајот, различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество. Верувам дека и претставниците на НР Кина ќе ја разберат оваа средба како можност за поголема информираност и за подобро разбирање на теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност“,
вели Милошоски за „360 степени“.

Ланските преписки
За потсетување дипломатски претставници на Народна Република Кина, преку телефонски повици и електронска пошта, лани во јули се обидоа да премислат пратеници од парламентите на пет држави, меѓу кои и од Северна Македонија, да не учествуваат на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), кој се одржува во Тајпеј, Тајван.
Веста тогаш ја објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП). Претставници од Северна Македонија на самитот на ИПАК беа Антонијо Милошоски и неговиот колега од СДСМ, Фатмир Битиќи. И двајцата, тогаш добија повици од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава пред нивното заминување за Тајпеј, но тоа не ги спречи да одат на самитот.
За повиците до Милошоски од кинеската амбасада објави агенцијата АП која тогаш наведе дека имала увид во порака испратена до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието.
Неговиот колега од СДСМ, Фатмир Битиќи, официјално за „360 степени“ тогаш потврди дека добил телефонски повик од кинеската Амбасада – и директно и преку партијата.
„Добив телефонски повик, и директно и преку партијата, со прашања зошто и како? Секако, сметам дека ова е директно мешање во независноста и правото на секој народен избраник да работи на промоција на основните човекови права како и демократски вредности“,
ни рече Битиќи на 29 јули 2024 г.
Денеска во Собранието се одржа средба меѓу претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сиаојан, која случајно или не доаѓа по средбата на Милошоски, Битиќи и Мизрахи со делегацијата на Тајван предводена од шефот на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим.
