Минатата недела, Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни тарифи од 100 проценти за кинескиот увоз во Соединетите Држави почнувајќи од 1 ноември и дополнителни ограничувања за извозот на софтвер во Кина
Претставниците на Кина и САД планираат наскоро да се сретнат за нови разговори за тековниот трговски спор, јавува кинеската официјална новинска агенција Ксинхуа, пренесува ДПА.

Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, кој е задолжен за економските и трговските односи со САД, одржа видеоконференција со американскиот секретар за финансии Скот Бесент и американскиот трговски советник Џејмисон Грир.
Тие разговараа за клучните прашања во билатералните економски и трговски односи на отворен, детален и конструктивен начин. Тие се согласија да одржат нова рунда консултации што е можно поскоро, се вели во извештајот.
Пред повикот, Бесент рече дека двете страни ќе се сретнат веројатно за една недела.
„Се надеваме дека Кина ќе покаже почит каква што ние им покажавме“,
продолжи Бесент, изразувајќи увереност дека Трамп ќе може да ги врати работите на вистинскиот пат благодарение на неговиот однос со кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
Тој рече дека смета оти трговски договор е можен.
Во интервју за американската телевизиска станица Фокс њуз, самиот Трамп ги опиша царините со кои ѝ се заканува на Кина, како економски неодржливи.
Кога го прашале дали вкупната царинска стапка од 157 проценти е одржлива за економијата и што значи тоа за него, тој рекол:
„Не е одржлива, но тоа е бројката“,
тврдејќи дека Кина го принудила да го стори тоа.
Минатата недела, Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни тарифи од 100 проценти за кинескиот увоз во Соединетите Држави почнувајќи од 1 ноември и дополнителни ограничувања за извозот на софтвер во Кина.
Пекинг претходно ја објави својата намера да ги прошири ограничувањата за извоз на ретки метали. Потоа, компаниите ќе треба да добијат дозволи за извоз на 12 од 17-те метали што се важни за индустријата. Во зависност од мерката, се очекува тие да стапат на сила во ноември или декември.
Средбата Трамп-Си во Јужна Кореја кон крајот на октомври се очекува со нетрпение.
„Ќе се сретнеме за неколку недели“,
рече Трамп, повторувајќи го истото за време на изјавите за медиумите со украинскиот претседател Володимир Зеленски.