„Газпром“, кој има монопол врз извозот на руски гас, соопшти дека Русија и Кина потпишале правно обврзувачки меморандум за изградба на долгоочекуваниот гасовод, но оти сè уште не постигнале договор за цените на гасот и распределбата на трошоците за изградба
Кина и Русија се согласија за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“. За постигнатиот договор вчера објави рускиот енергетски гигант „Газпром“, додека во Пекинг се одвиваше средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, пред големата кинеска воена парада.

„Газпром“, кој има монопол врз извозот на руски гас, соопшти дека Русија и Кина потпишале правно обврзувачки меморандум за изградба на долгоочекуваниот гасовод, но оти сè уште не постигнале договор за цените на гасот и како да ги распределат трошоците за изградба на гасоводот.
„Разговорите сега ќе се фокусираат на финансирањето на изградбата и условите за комерцијална испорака“,
изјави извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.
Милер изјави дека цената на гасот ќе биде пониска од онаа што „Газпром“ им ја наплаќа на европските клиенти, поради долгото растојание на гасоводот и предизвикувачкиот терен преку кој мора да биде изграден.
Се очекува новиот гасовод да транспортира гас од огромните резерви на полуостровот Јамал во западен Сибир до Кина преку траекторијата на Монголија. Капацитетот на гасоводот е од 50 милијарди кубни метри гас годишно.
По средбата на рускиот претседател Владимир Путин со кинескиот претседател Си Ѓинпинг и монголскиот претседател Ухнагин Курелсух во Пекинг, Кремљ соопшти дека за време на разговорите со кинеската страна се потпишани 22 договори, вклучувајќи го и договорот за стратегиска соработка меѓу „Газпром“ и Кинеската национална нафтена корпорација, без да бидат објавени дополнителни детали.
Официјален Пекинг сè уште не даде конкретен коментар за меморандумот за новиот гасовод, но кинеските државни медиуми ја објавија изјавата на Си Ѓинпинг по состанокот со рускиот и монголскиот лидер, во која вели дека цврстата поврзаност треба да биде клучна насока, преку активно промовирање на прекугранични инфраструктурни и енергетски проекти што ги поврзуваат трите земји.