Во разговор со иранскиот министер Абас Арагчи, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји истакна дека Пекинг го негува традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, му порача на својот ирански колега во телефонски разговор дека Пекинг го поддржува Техеран во одбраната од нападите на САД и Израел во услови на проширување на војната на Блискиот Исток. Преку серија разговори со колеги од Иран, Оман и Франција, Ванг го пренесе ставот на Кина за ескалацијата на конфликтот.

Во разговор со иранскиот министер Абас Арагчи, Ванг истакна дека Пекинг го негува традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран.
„Ние го поддржуваме Иран во одбраната на неговиот суверенитет, безбедност, територијален интегритет и национално достоинство, како и во заштитата на неговите легитимни права и интереси“.
додаде тој, пренесе државниот радиодифузер ЦЦТВ.
Ванг објави дека Кина ги повикува САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции.
„Ги повикуваме САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции, да избегнат понатамошна ескалација на тензиите и да спречат ширење на конфликтот во целиот регион на Блискиот Исток“,
рече Ванг, според ЦЦТВ.
Во одделен разговор со министерот за надворешни работи на Оман Бадр Албусаиди, Ванг ги обвини САД и Израел за намерно поттикнување војна против Иран, со што се кршат целите и принципите на Повелбата на ОН. Тој порача дека Кина е подготвена да преземе активна улога во решавањето на кризата.
„Кина е подготвена да игра конструктивна улога, залагајќи се за правда, мир и запирање на војната преку платформата на Советот за безбедност на ОН“,
му рече Ванг на Албусаиди.
