Сите индустриски и комерцијални потрошувачи ќе мора „што е можно поскоро“ да се префрлат на купување електрична енергија на слободниот пазар или преку агенти за снабдување со електрична енергија, наспроти сегашните 44 проценти кои купуваат електрична енергија директно на отворениот пазар
Националната комисија за развој и реформи (NDRC) денеска објави дека целосно ќе ги либерализира цените на електричната енергија произведена од јаглен и дека сите индустриски и комерцијални корисници ќе мора да купуваат електрична енергија на слободниот пазар.
Без прецизирање на конкретната временска рамка во која одлуката ќе почне да се применува, NDRC соопшти дека 100 проценти од електричната енергија произведена од јаглен ќе се продава по пазарна цена, наместо сегашните 70 проценти, пренесува Ројтерс.
Сите индустриски и комерцијални потрошувачи ќе мора „што е можно поскоро“ да се префрлат на купување електрична енергија на слободниот пазар или преку агенти за снабдување со електрична енергија, наспроти сегашните 44 проценти кои купуваат електрична енергија директно на пазарот. Другите потрошувачи ќе плаќаат фиксна цена за електрична енергија.
Ова е последен во серијата обиди на Пекинг да се справи со енергетската криза што ја зафати втората по големина економија во светот и се очекува да трае до крајот на годината.
Аналитичарите и трговците проценуваат дека падот на потрошувачката на електрична енергија во индустријата ќе биде 12 проценти во четвртиот квартал годинава, бидејќи се очекува снабдувањето со јаглен оваа зима да биде недоволно.
„Реформата е дизајнирана да ја одразува побарувачката и потрошувачката на енергија и до одреден степен да ги ублажи оперативните тешкотии на енергетските компании и да ги поттикне електраните да го зголемат снабдувањето со електрична енергија“,
рече официјален претставник на NDRC, Пенг Шаозонг, на денешната прес -конференција.
Реформата на цената на енергијата во Кина нема да има влијание врз индексот на потрошувачките цени (CPI) и ќе има ограничено влијание врз другите економски показатели, рече Пенг.
