Во меѓувреме, европските претставници наводно разгледуваат планови за испраќање британски и француски трупи во Украина, како дел од евентуален мировен договор
Германскиот весник „Велт ам зонтаг“ (Welt am Sonntag), повикувајќи се на неименувани европски дипломати, објави дека Кина сигнализирала подготвеност да учествува во меѓународна мировна мисија во Украина, но под јасно дефинирани услови. Според истите извори, високите кинески претставници дале до знаење дека Пекинг би се приклучил на мировен контингент само доколку распоредувањето биде направено врз основа на мандат на Обединетите нации. Така, учеството на Кина би било можно исклучиво во рамки на резолуција усвоена од Советот за безбедност на ОН.
Сепак, ваквата позиција предизвикала сериозни сомнежи во Брисел. Висок дипломат на Европската Унија за весникот изјавил дека постои реална опасност Кина првенствено да го искористи учеството за собирање информации, односно шпионажа во Украина, и во исто време да заземе проруски, а не неутрален став во случај на судир. Паралелно со овие дискусии, медиумите веќе претходно објавија дека рускиот претседател Владимир Путин, на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп на 15 август, не се спротивставил на идејата за безбедносни гаранции за Украина. Според пишувањата, Путин ја споменал токму Кина како една од можните држави гаранти.
Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно ја отфрли таа можност. Тој изјави дека Кина не ја гледа како дел од идните гаранти за безбедноста на Украина, испраќајќи сигнал дека Киев е резервиран кон ваквиот предлог. Во меѓувреме, европските претставници наводно разгледуваат планови за испраќање британски и француски трупи во Украина, како дел од евентуален мировен договор. Според информациите, околу десет земји веќе се подготвени да учествуваат во таква мисија, доколку биде усвоена.