Началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, потврдил дека е регистриран најмалку еден удар во источните преградија, додека сведоци за агенцијата Ројтерс изјавиле дека слушнале повеќе силни експлозии како одекнуваат низ градот
Главниот град на Украина рано утрово повторно бил цел на голем руски ракетен напад во кој биле погодени неколку згради, објавија локалните власти, пренесуваат светските агенции.

„Масовниот напад врз главниот град е сè уште во тек“,
напиша градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко на платформата Телеграм.
Според него, во нападот биле погодени згради од двете страни на реката Днепар, но засега нема информации за евентуални жртви. На терен се испратени повеќе екипи на службите за итна медицинска помош.
Началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, потврдил дека е регистриран најмалку еден удар во источните преградија, додека сведоци за агенцијата Ројтерс изјавиле дека слушнале повеќе силни експлозии како одекнуваат низ градот.
Цел на напад бил и градот Днепар на југоистокот на земјата. Ова го соопштил регионалниот гувернер Олександар Ганжа, според кого, во ударите биле оштетени неколку приватни куќи и автомобил, но нема индиции за човечки жртви.
Според медиумските извештаи, сирените за предупредувања од воздушни напади биле активни во текот на целата ноќ во Киев и Днепар.
Руските сили речиси секојдневно вршат жестоки ракетни и напади со дронови врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, додека во меѓувреме траат обидите за изнаоѓање дипломатско решение за ставање крај на војната, која трае веќе четири години.
Вчера украинските власти соопштија дека три деца и еден маж загинале во руски напад со дрон врз Богодухив и Харковската област, додека во нападите врз Запорожје бил предизвикани пожари и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Нападот врз Богодухив беше втор смртоносен удар врз овој град во последните неколку дена. Тој беше цел на руски напади и на 9 февруари, во кои загинаа десетгодишно момче и неговата мајка по уривањето на нивната куќа.
