Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека до 7 часот утринава регистрирал 2 299 прекршувања на примирјето, додека руското Министерство за одбрана соопшти дека се регистрирани 1 971 прекршување на примирјето од страна на украинските сили во последните 16 часа
Украина и Русија денеска си разменија обвинувања за меѓусебно прекршување на велигденското примирје што стапи во сила вчера попладне и што требаше да трае во текот на целиот денешен ден. Двете страни тврдат дека регистрирале илјадници напади и други прекршувања на договорот.

Генералштабот на вооружените сили на Украина утринава соопшти дека до 7 часот наутро регистрирал 2 299 прекршувања на примирјето, вклучувајќи напади, гранатирање и лансирање на мали беспилотни летала. Оттаму наведоа дека не е пријавена употреба на беспилотни летала со долг дострел, ракети или водени бомби.
Според наводите на официјални лица, во северниот Сумски Регион во Украина, руски дрон погодил амбулантно возило во текот на ноќта, при што со повреди се здобиле тројца медицински техничари.
Руското Министерство за одбрана, исто така, денеска соопшти дека регистрирало 1 971 прекршување на примирјето од страна на украинските сили во изминатите 16 часа. Руските власти регистрирале артилериски и тенковски напади, напади со беспилотни летала и различни видови муниција фрлени од беспилотни летала. Министерството соопшти дека неколку цивили се повредени во напад со украински дрон во регионот Курск.
Велигденското примирје помеѓу Русија и Украина стапи во сила вчера попладне во 16 часот по московско време. Примирјето во четвртокот го најави рускиот претседател Владимир Путин, кој соопшти дека привремениот прекин на огнот ќе трае од 11 април до крајот на 12 април.
